Активности

Понеделник, 17 ноември 2014 година

Јавна расправа на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја започна дводневната Јавна расправа на тема „ИПА 2 (2014-2020) – Предизвици и можности  за  искористување“.

Јавната расправа, со која претседаваше заменикот на претседателот на Комисијата, г-ѓа Нора Алити, ја отвори и имаше поздравно обраќање претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.  

Во врска со темата во Панелот 1, кој беше посветен на перспективите и можностите за искористување на (ИПА 2) во Република Македонија, во периодот од 2014-2020 година, воведни обраќања имаа и г. Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции; г. Зоран Ставревски, заменик-претседател и министер за финансии во Владата на Република Македонија, како и амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Исто така, во овој панел, имаа стручни обраќања и експертите во оваа област: г. Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија; г-ѓа Сузана Пенева, национален координатор за авторизација; г-ѓа Орхидеја Каљошевска, раководител на НИПАК секретаријатот и г-ѓа Лепосава Апостоловски-Велинов од Ревизорското тело за вршење ревизија на ИПА.  

По нивните излагања се отвори богата дебата во врска со можностите и перспективите на ИПА 2, при што имаше сугестии, мислења и прашања до експертите за пооделни прашања од нивен интерес.  

Јавната расправа продолжува и утре (18 ноември, со почеток во 9.30 часот), со Панелот 2, во рамките на кој ќе се дискутира за ИПА 2 во регионални рамки. Притоа, се очекува да  бидат разменети искуства и позитивни практики на земјите од Западен Балкан, кои ќе бидат претставени од страна на претседателите на Комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите од Западен Балкан.

На Јавната расправа беа поканети и присуствуваа и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, координаторите на Пратеничките групи во Собранието на Република Македонија, членовите на Комисијата за европски прашања, членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, како и членовите на: Комисиите за надворешна политика; финансирање и буџет; економски прашања; земјоделство, шумарство и водостопанство; локална самоуправа, како и други учесници и гости од граѓанскиот сектор.

Click