Активности

Четврток, 25 јуни 2015 година

Јавна расправа на тема: „Азилот и европското законодавство“

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија 19 седница денеска одржа јавна расправа  на тема: „Азилот и европското законодавство„.

Со расправата претседаваше г-ѓа Ермира Мехмети, претседателка на Комисијата за европски прашања, а воведни излагања по темата имаа вицепремиерот во Владата на Република Македонија, задолжен за  европски прашања, г. Фатмир Бесими, државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, г-ѓа  Анастасија Илиеска и народниот правобранител на Република Македонија, г. Иџет Мемети.

На јавната расправа беа поканети и присуствуваа и членовите и замениците на Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надворешна политика, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република  Македонија, членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, како и членови и претставници на граѓански организации и здруженија, кои ја покриваат оваа сфера.

 Во дискусијата по темата, беше поздравено донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, со кој им се даде можност на мигрантите за легален транзит на територијата на Република Македонија, во текот на 72 часа, но и можност за  барање на азил во државата. Притоа, се истакнаа позитивните ефекти од примената на овој закон, со кој земјата се вклучи во напорите на државите членки на Европската унија, за соодветен одговор на актуелните миграциски предизвици.

Исто така, се потенцира потребата за воспоставување на заеднички европски пристап кон напливот на мигранти, бидејќи тоа е прашање со кое се соочува Република Македонија, како земја низ која транзитираат голем број на мигранти, но и земјите на Европската унија, како нивна крајна дестинација. 

Во расправата, беа искажани повеќе предлози за можностите за унапредување на положбата на мигрантите во нашата земја, преку обезбедување на редица мерки за стимулирање и подобрување на условите во прифатните центри за барателите на азил, со цел за задоволување на нивните социјални, економски и здравствените потреби. Притоа, позитивно беа оценети напорите на државата, но и на организациите како Црвениот крст, хуманитарните и невладините организации, кои во изминатиот период им излегоа во пресрет на мигрантите за време на нивниот престој и транзит низ Република Македонија.

Click