Активности

Среда, 29 април 2015 година

Јавна расправа  на тема: „Како до родова рамноправност?“

Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија денеска одржаа јавна расправа  на тема: „Како до  родова рамноправност?“.

Со поздравни обраќања, расправата ја отворија г-ѓа Нора Алити, потпретседателка на Комисијата за европски прашања и г-ѓа Лилјана Поповска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Воведни излагања на темата  имаа вицепремиерот во Владата на Република Македонија, задолжен за  европски прашања, г. Фатмир Бесими, и заменик министерот за труд и социјална политика, г. Ибрахим Ибрахими.

По ова беше отворена дискусија во која се вклучија членовите и замениците членови на комисиите, пратеници, претставници на институциите, на локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите и претставници на невладините организации.

Имајќи предвид дека Република Македонија има законска и институционална рамка за постигнување родова рамноправност, позитивно искуство со родовите квоти со кои се дојде до 34% жени во парламентот и 30% во локалните совети, позитивна пракса од примената на концептот на родово одговорно буџетирање,  како и солидни резултати со мерките за поддршка на повеќе категории жени, но истовремено увидувајќи ја потребата за натамошно унапредување на родовата рамноправност од повеќе аспекти, комисиите ги донесоа следниве заклучоци:

1. Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите  препорачуваат  надлежните работни тела  и Собранието на Република Македонија да го следат спроведувањето на Стратегијата  за родова еднаквост  2013-2020, одредбите од Законот за еднакви можности,  како и стандардите и принципите на меѓународните конвенции и документи кои Република Македонија ги потпишала или  ратификувала, а се однесуваат  на еднаквите можности и на заштитата од дискриминација   на жените во областа на трудот, социјалната заштита и социјалното осигурување, економијата и други области.

2. Комисиите предлагаат унапредување на координацијата меѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во планирањето и следењето на напредокот во постигнувањето на родовата еднаквост.

3. Комисиите се залагаат, државата преку јавни кампањи и други манифестации да влијае врз јавното мислење на граѓаните, за општествената улога на жените и мажите.

4. Комисиите укажуваат на потребата  за рамноправна и еднаква застапеност на жените на избирачките листи на изборите во Република Македонија на парламентарно и локално ниво, преку зголемување на родовите квоти, како и на потребата за повеќе жени градоначалнички.

5. Со цел за постигнување на целосна родова рамноправност на професионален план, потребно е да се постигне повисока застапеност на раководните позиции во органите на државната управа и локалната власт  и другите државни органи основани со Уставот и законите, како и во институциите кои вршат работи од јавен интерес, или доверени јавни овластувања, установи, фондови, агенции, како и јавни претпријатија.

6. Комисиите укажуваат на потребата државата, да преземе мерки со кои на жената ќе и се овозможи баланс помеѓу приватниот и професионалиот живот, со цел таа да не мора да избира меѓу мајчинството и кариерата.

7. Комисиите препорачуваат да се зголеми капацитетот на администрацијата за вклучување на родовата перпектива, преку развивање на модули за gendermainstreaming за државни службеници од страна на Министерсвото за информатичко општество и администрација.

8. Комисиите се залагаат за иницирање, предлагање донесување, како и изменување и дополнување на законската регулатива во Република Македонија во однос на родовата рамноправност, согласно со правото на Европската унија.

9. Комисиите сметаат дека е неопходно економско јакнење на жените, преку обезбедување повеќе средства за програми кои веќе постојат, но и за нови програми, со кои ќе се унапреди статусот на жените воопшто, а  посебно на жените претприемачки, руралните жени, жените со социјален ризик, како и жените со посебни потреби. 

10. Комисиите сугерираат да се унапреди положбата на жените претприемачки, преку обезбедување посебна стратегија со редица мерки за стимулирање и олеснување на женското претприемништво.

11. Комисиите бараат да се унапреди положбата на руралните жени, преку поттикнување и олеснување да се вклучат во локалните иницијативи и да започнат сопствени економски активности, со истовремено подобрување на условите за живот и задоволување на социјалните, образовните и здравствените потреби.

12. Комисиите го поттикнуваат натамошното практикување на родово одговорното буџетирање на национално и локално ниво, со оглед на досега постигнатото, за постигнување целосна родова рамноправност.

13. Комисиите укажуваат на потребата за ратификација на „Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство„, позната како Истанбулска Конвенција, како и  за обезбедување на повеќе средства за институционално јакнење на надлежните институции.

14. Комисиите бараат унапредување на концептот за родова рамноправност во процесот на образование на сите нивоа, со продолжување на родовите студии, заради ефикасна борба со дискриминацијата.

15. Комисиите ја нагласуваат потребата Државниот завод за статистика да ја унапреди родовата статистика и да обезбеди нејзина целосна достапност на јавноста, со посебен осврт на статистичките податоци по пол за различните области, како што се здравството, образованието, работните и економските услови, насилството, моќта и одлучувањето.

16. Комисиите ја поттикнуваат соработката помеѓу собраниската и локалните комисии за еднакви можности врз база на "Стратешката рамка за соработка" од 11.09.2013 година донесена во парламентот.

17. Со содржината на овие заклучоци да се запознаат Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика и истото да биде објавено на веб-страницата на Собранието на Република Македонија".          


Click