Активности

Петок, 11 декември 2015 година

Јавна расправа на тема: „Обезбедување на одржливост на воспоставените програми за ХИВ за групите под особен ризик од ХИВ по заминувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година-можности и предизвици“

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија денеска одржа јавна расправа на тема: „Обезбедување на одржливост на воспоставените програми за ХИВ за групите под особен ризик од ХИВ по заминувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година-можности и предизвици“.

На Јавната расправа беа поканети и активно учество зедоа претставници од Министерството за здравство, Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ, Националниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза, Националната комисија за ХИВ/СИДА во Република Македонија, Секретаријатот на Платформа за одржливост на ХИВ програмите и други невладини организации кои ја третираат оваа проблематика.

Од изнесените дискусии беа дадени следните заклучоци:

  1. Владата на Република Македонија и Министерството за здравство како носител на Националната програма за ХИВ и долгогодишен примарен примател на донациите за ХИВ на Глобалниот фонд во следната година имаат обврска и одговорност да го спроведат националниот план за транзиција од финансирање со донаторски средства кон финансирање со средства од Буџетот на Република Македонија, како и да воспостават ефективни законски и подзаконски механизми за обезбедување одржливост на веќе воспоставените превентивни програми за ХИВ пред завршувањето на поддршката од Глобалниот фонд, со цел да се одржи ниската стапка на ХИВ во земјата;
  2. Се поздравуваат чекорите на Министерството за здравство за обезбедување на партиципативен процес во изработка на критериумите за граѓанските организации и планирање на превентивни сервиси за групите под особен ризик (МСМ, ЛИД, СР и млади) како клучни за обезбедување на одговорна транзиција по повлекувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година;
  3. Министерството за здравство до крајот на 2015 година да ги подготви и усвои критериумите за вклучување на граѓанските организации како имплементатори на Програмата за заштита на населението за ХИВ/СИДА, коишто ќе гарантираат транспарентен процес на вклучување и ангажирање на граѓански организации коишто имаат искуство и експертиза во раководење на сервиси за превенција, грижа и поддршка од ХИВ;
  4. Министерството за здравство да издвои финансиски средства за граѓанските организации коишто нудат услуги за групите под особен ризик од ХИВ во Програмата за заштита на населението за ХИВ/СИДА за 2016 година, со цел унапредување на јавното здравје во Република Македонија преку фокусирани интервенции помеѓу овие граѓани и одржување на ниска стапка од ХИВ во иднина;
  5. Министерството за здравство во првото тромесечје од 2016 година да започне процес на ангажирање на граѓански организации коишто ќе бидат впишани во регистарот на здруженија имплементатори на Програмата за да се тестира функционалноста на системот за доделување финансиска поддршка на граѓанските организации преку националните програми и буџети, за да се остави доволно простор во втората половина од годината да се преземат итни мерки за надминување на евентуалните законски или административни пречки во спроведувањето на програмите кои ќе ги раководат граѓанските организации;
  6. Министерството за здравство и Агенцијата за лекови да преземат чекори со кои ќе создадат услови и ќе ги поттикнат фармацевтските компании да ги регистрираат сите неопходни антиретровирусни лекови за третман и превенција на ХИВ - инфекцијата и да се унапреди буџетирањето за антиретровирусните лекови врз основа на референтни цени во согласност со законски утврдената методологија за формирање на цените на лековите;
  7.  Поради ургентноста за спроведување на одговорна транзиција на превентивните програми за ХИВ во текот на 2016 година кога се повлекува Глобалниот фонд, пратениците од Собранието на Република Македонија да одржат нова јавна расправа по шест месеци, за да се утврди постигнатиот прогрес и спроведувањето на препораките од оваа јавна расправа во насока на обезбедување на финансиска одржливост на веќе воспоставените програми за ХИВ.
Click