Активности

Четврток, 5 ноември 2015 година

Јавна расправа на тема: „Република Македонија на патот кон евроинтеграцијата“

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска одржа јавна расправа на тема: „Република Македонија на патот кон евроинтеграцијата“, на која како гости учествуваа и европратениците од Групата на зелените во Европскиот парламент: г-ѓа Ребека Хармс од Германија, координатор на Групата и членот г. Игор Шолтес од Словенија, кои се во посета на Република Македонија. 

На јавната расправа беа поканети и потпретседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за евроинтеграции, г. Фатмир Бесими, членовите на Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија и членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, како и повеќе претставници на здруженија и организации кои ги следат евроинтегративните процеси во Република Македонија. 

Во расправата учествуваа: претседателот на Комисијата за европски прашања г-ѓа Ермира Мехмети; претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Лидија Димова; копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет-РМ-ЕУ, г. Кенан Хасипи; како и пратеничките: г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Даниела Рангелова и г-ѓа Солза Грчева. 

Исто така, од страна на  невладиниот сектор говореа г-ѓа Милева Ѓуровска, претседател на Европското здружение на Македонија и од Институтот за европски политики - г. Александар Јовановски.

Во врска со темата, која е во пресрет на најавеното објавување на овогодинешната Стратегија за проширување и Извештајот за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија, беа разменети мислења и ставови за можностите за унапредување на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.

Притоа, стана збор за потребните реформи во државата во контекст на  имплементирањето на политичкиот договор од 2 јуни/15 јули, како предуслов за добивање на седмата последователна препорака за отворање на преговорите за наше членство во Европската унија. Во таа насока, беше искажана заложбата за продолжување на  потребните реформи во областите на: судството, изборите, слободата на изразување, добрите меѓуетнички односи, целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор и политичкиот дијалог и друго.

Исто така, од страна на гостите, г-ѓа Хармс и г. Шолтен, беше укажано и на потребата за отворање на поглавјето 27, кое се однесува за заштита на животната средина во земјата, како и за поорганизиран пристап на Европската унија во однос на актуелната бегалска криза, во која Македонија е дел од транзитната рута на бегалците. 
Click