Активности

Среда, 19 ноември 2014 година

Јавна расправа за предизвиците и можностите на ИПА 2 во регионални рамки 

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, со која претседаваше заменикот-претседателот на Комисијата, г-ѓа Нора Алити, вчера ја продолжи дводневната Јавна расправа на тема „ИПА 2 (2014-2020) – Предизвици и можности за искористување“.

И на вториот ден од Јавната расправа се дискутираше за предизвиците и можностите на ИПА 2, но во регионални рамки.  

Во  врска со  темата, воведно излагање имаше г-ѓа Нора Алити, која  истакна дека  доделените 664,2 милиони евра во рамките на ИПА 2, од страна на Европската унија, треба да се искористат на најдобар можен начин за реализација на стратешките определби на државата, со цел да се спроведат неопходните реформи за подготовка на исполнувањето на крајната цел - членство на Република Македонија во ЕУ.

Госпоѓа Алити се осврна и на корисноста од развивање на парламентарната димензија на регионалната соработка, во насока на искористување на можностите  за  проектирање и реализирање на регионални проекти во рамките на ИПА 2. 

Исто така, таа укажа на предностите од регионалната соработка, како можност за  размена на искуства за унапредување на улогата на Комисијата за европски прашања, како собраниско тело надлежно за информирање и промовирање на предностите и поволностите, коишто им се нудат на корисниците  на европските претпристапни фондови.

Притоа, истакна дека транспарентноста на целокупниот процес за користење на  овие фондови во однос на граѓаните, од страна на државните институции, е од круцијално значење за нивна поголема искористеност, но претставува и чекор напред кон нашето евроинтегрирање.

Во таа насока, предложи реализирање на поинтензивни парламентарни контакти на Комисиите за европски прашања, преку развивање на регионални средби, работилници и конференции. Воедно, ја поздрави работата на Мрежата на парламентарните комисии за економија, финансии и европска интеграција на земјите од Западен Балкан, која ја воспостави Вестминстер фондацијата за демократија, со цел развивање на регионалната соработка на Парламентите од Западен Балкан.

Во врска со работата на мрежата, излагање имаше директорот на  Вестминстер, г. Емил Атанасовски, кој ги презентираше досегашните искуства од работата на оваа регионална соработка, како и најновата публикација: „ИПА2 - Повеќе стратегија и надзор“ на Инстититот за европска политика – ЕПИ.

Воведни обраќања во врска со темата имаа и претставниците на:  Националното собрание на Република Србија, потпретседателот на Собранието, г. Владимир  Маринковиќ и членот на Комисијата за европски интеграции, г-ѓа Душица Стојковиќ; на Парламентот на Црна Гора, претседателот на Комисијата  за европски интеграции, г. Славен Радуловиќ и на Парламентот  на  Босна и Херцеговина, претседателот на Пододборот за ЕУ интеграции на Претставничкиот  дом на  Федерацијата, г. Шукрија Бакшиќ  и  Парламенот на Република Српска, г . Слободан Поповиќ.

Во расправата беа изнесени повеќе мислења и предлози за подобрување на  начините  на искористување на претпристапните  фондови на ЕУ,  но  и одредени позитивни  практики  во  регионот. 

Исто така, се укажа на потребата од  поголема  економска соработка  на државите од Западен Балкан, но и  во другите сфери на државите, за што е потребно да се  надминат некои  досегашни  бариери, што, секако, ќе биде од заемна корист на сите. Напредокот и евроатлантската иднина треба да бидат нашиот приоритет,  поради што не смееме да бидеме заложници на историјата на Западен Балкан. 

На крајот од расправата, Комисијата за европски прашања ги донесе следните препораки:

1. Комисијата за европски прашања очекува Владата на Република Македонија навремено да ги преземе сите потребни мерки за успешна имлементација на Индикативниот стратегиски документ за Република Македонија (2014-2020), одобрен во јули 2014 година, меѓу  Владата на Република Македонија и Европската унија, како важен стратешки документ,  со кој  се потврдува определбата на Европската унија да го продолжи процесот на проширувањето и  Партнерството со нашата земја.

2. Комисијата ѝ изразува благодарност на Европската унија што издвоените средства во  ИПА 2 се поголеми во однос на ИПА 1, и покрај  фактот што Унијата се наоѓа во посткризен период. Истовремено, укажува на  потребата овие доделени средства, во висина од  664,2 милиони евра, да се искористат на најдобар можнен начин за реализација на  стратешките цели на државата, како би се овозможило спроведување на  неопходните реформи за подготовка и исполнување на крајната цел - членство на Република Македонија во европското семејство.  

3. Комисијата ги поздравува петте стратегиски цели наведени во четиригодишната програма на Владата на Република Македонија (2014-2018), кои се поклопуваат и со главните цели на ИПА 2, и тоа:  зголемување на економскиот раст и вработувањето, интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО, борбата со корупцијата и криминалот и ефикасното спроведување на  законите, одржувањето на  меѓуетничките односи врз основа на принципите на заедничка толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор и инвестирањето во  наука и образование и информатичка технологија.

4. Комисијата посочува дека Владата треба што поскоро да се прилагоди и да го искористи новиот пристап на користење на ИПА 2 - по сектори, наместо по компоненти, како процес кој е во насока на потесна усогласеност меѓу стратегиите  на ЕУ и националните стратегии, со што се  издигнува  на повисок степен  сопственоста на државата корисник и се зголемува кохерентноста меѓу секторските политики, владините расходи и постигнувањето на подобри резултати. За да се зголеми ефективноста  на ИПА 2, според новиот секторски пристап, неопходно е Владата  навремено да  воспостави национална секторска политика и стратегија  за секторски буџет, да определи министерство одговорно за секторот/потсекторот, да воспостави функционална секторска координативна рамка и да преземе чекори за нејзин развој. 

5. Комисијата препорачува да се постигне среднорочно економско програмирање и среднорочно фискално планирање, а во тие рамки и да се преиспитаат  импликациите од домашното кофинансирање на проектите поддржани од ЕУ.  

6. Комисијата ја истакнува потребата од поголема стимулација, односно субвенционирање од страна на државата, државниот буџет и локалните буџети, за дел на корисниците на проектите во кои е неопходно кофинансирање од страна на сите партнери вклучени во одделните проекти. Се препорачува да се воспостави државен фонд за кофинансирање на граѓанските организации во рамки на ИПА.

7. Комисијата укажува на значењето и важноста од обезбедување што поширока  транспарентност за можностите за добивање средства од ИПА 2, како и за придобивките од ИПА помошта во земјата и нејзините општи насоки, за да се подигне свеста кај јавноста за нивно користење и бенефитот (користа) од истите. 

8. Комисијата ја поттикнува Владата на Република Македонија да ја имплементира Општата комуникациска стратегија за ИПА, донесена од страна на Владата на Република Македонија во јули 2013 година, со цел  да се обезбеди транспарентност и отчетност во процесот на информирање на граѓаните за успешноста во искористувањето на овие средства. Исто така, ги поздравува  работните посети  на високи владини функционери на институциите-корисници на ИПА фондовите и имплементатори на НПАА, вклучително и на организациите и здруженијата на граѓанското општество, со цел за нивно непосредно вклучување и информирање за сите аспекти од користењето на ИПА 2.  

9. Комисијата го потенцира значењето за зајакнување на административните капацитети на ИПА структурите во институциите, преку нови вработувања и стручни обуки специјализирани за искористување на европските фондови. Институционалниот капацитет е клучен за реализацијата на ИПА 2,  во конкретните активности во четирите приоритетни  области, како демократија, владеење на правото и човековите права, социо-економскиот развој, образованието, и развојот на човечки ресурси и земјоделството и руралниот развој.

10. Комисијата,  во  духот на  развивањето на  добрососедската политика и регионалната соработка, ја уважува заложбата на Република Македонија да продолжи да има конструктивен и позитивен придонес во регионалните иницијативи со земјите од Западен Балкан, на принципот на инклузивност. 

11. Комисијата укажува на потребата од интензивирање на напорите на Владата за реализација на регионалните проекти  во рамките на ИПА 2, со што ќе се зголеми и прекуграничната соработка и врските меѓу земјите во регионот. Исто така, повикува на наше поголемо учество во развојот на модерен и еко-ефикасен железнички систем, што ќе ја поврзува Југоисточна Европа со остатокот од континентот, како и на натамошен напредок и усогласување на транспортната политика со правото на ЕУ, согласно точката 62, во Резолуцијата за напредокот на Република Македонија за 2013 година на Европскиот парламент.

12. Комисијата ја поздравува поддршката на ЕУ во економијата и конкурентноста, преку ИПА 2, што ќе придонесе за подобрување на бизнис климата и поддршката на малите и средните  претпријатија, со што ќе се намалат разликите меѓу различните региони и ќе се поврзат институциите  за истражување и развој во деловниот сектор и секторот за вработување.

13. Комисијата, имајќи ги предвид корисниците, согласно Регулативата бр. 231/2014 (став 6 од преамбулата) за воспоставување на ИПА 2, предлага, покрај редовните средби на Конференциите на Комисиите за европски прашања/интеграции на  парламентите на земјите опфатени  во Процесот за стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа - КОСАП, поинтензивни заеднички регионални средби на Комисиите за европски прашања/интеграции, на кои ќе се расправа за можностите за   зајакнувањето на парламентарната контрола врз ефикасноста на користењето на  фондовите на ЕУ.  

14. Комисијата укажува на  потребата Секретаријатот за европски прашања во Владата на Република Македонија, најмалку еднаш годишно, да му  доставува на Собранието на Република Македонија информација за искористеноста на ИПА 2. 

15. Препораките од јавната расправа на Комисијата за европски прашања да се достават до претседателот на Собранието на Република Македонија, пратениците, Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања во Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

16. Препораките од јавната расправа да се објават на интернет-страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.  

Click