Активности

Петок, 29 јануари 2016 година

Јавна расправа за Предлог-законот за слободни здравствени зони

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија, во рамките на својата 37. седница, одржа јавна расправа на тема: „Предлог на закон за слободните здравствени зони“.

Со седницата претседаваше претседателот на Комисијата за здравство, г-ѓа Јагода Шахпаска, која истакна дека како опозиција се спротиставуваат на донесувањето на овој Предлог-закон, наведувајќи ги забелешките на истиот.

Во својство на претставник на Владата на Република Македонија како предлагач на Предлог-законот, присуствуваше министерот за здравство, г. Никола Тодоров, кој го образложи Предлог-законот и поволностите кои ги нуди истиот.

Целта на Предлог-законот е развој на здравствениот туризам, подигнување на нивото на здравствената заштита во Република Македонија со привлекување на странски капитал за воведување на нови здравствени методи и постапки, трансфер на know how и технологија и зголемување на конкурентноста и на вработувањето, зголемување на квалитетот на високообразовната понуда од областа на медицината, воспоставување и промовирање на вредности и практики и понуда на повисок квалитет на образование од постојниот, кој ќе донесе современи и квалитетни образовни методи. Се смета дека отворањето на слободни здравствени зони ќе стимулира и развој на комплементарните индустрии, вклучувајќи ги и туризмот, хотелиерството, угостителство, како и дека ќе се намалат трошоците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за испраќање на пациенти во странство. 

Предлог-законот за слободните здравствени зони повлекува обврска за обезбедување средства за негово спроведување од Буџетот на Република Македонија во висина од 30.000.000 денари потребни за уредување на зоната од страна на основачот, обезбедување средства за државна помош за корисниците на зоните и нејзино промовирање заради привлекување на странски и домашни инвеститори. Се планира првата слободна здравствена зона да биде отворена во текот на 2017 година.

Во дискусијата по Предлог-законот на денешната јавна расправа, покрај министерот за здравство и претседателот на Комисијата, се вклучија и пратеници, претставници од Министерството за здравство, Фондацијата Отворено општество, Македонскиот центар за европско образование и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Учесниците имаа можност да дадат свои позитивни и негативни критики, мислења и предлози во однос на Предлог-законот за слободните здравствени зони, а министерот Тодоров беше дециден дека сите забелешки ќе бидат земени предвид и темелно разгледани.

Јавната расправа имаше за цел да го поттикне зајакнувањето на здравствениот систем во нашата земја и да даде квалитетна основа за разгледување на овој Предлог-закон во собраниска процедура.

Click