Активности

Среда, 11 јуни 2014 година

Кина е значаен поддржувач на развојните процеси во македонското земјоделство

Пратеникот Силвана Бонева оствари средба со осумчлена делегација на Народната политичка консултативна конференција на провинцијата Сичуан, Народна Република Кина, предводена од потпретседателот на Конференцијата, г. Гао Фенг. На средбата присуствуваа и пратениците: г. Ромео Тренев и г-ѓа Олга Најденовска.

Во воведното обраќање, г-ѓа Бонева истакна дека од година во година соработката меѓу двете држави се унапредува и благодарение на тоа го имаме Конфуци институтот, кој е отворен во 2013 година во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во партнерство со Универзитетот за финансии и економија во Ченгду, главен град на провинцијата Сичуан.

Ваквиот степен на развој на политичките односи дава добра основа за натамошно проширување на економската соработка. Од наша страна постои силен интерес за повисоки форми на економска соработка, трансфер и технологија и заеднички настап на трети пазари. Во последните години трговската размена бележи тренд на постојан пораст, а би сакале во иднина кинеските инвестиции да се динамизираат и зголемат, истакна, меѓу другото, г-ѓа Бонева.

Во оваа прилика беше изразено задоволство од работата на амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија, која во континуитет ги поттикнува и значајно придонесува за развој и унапредување на односите меѓу двете држави. 

Радува фактот што развојот на економската соработка е високо на агендата и на новиот амбасадор г. Вен Џеншун и се очекува тоа да резултира со зголемување на кинеските инвестиции во Република Македонија, имајќи ја предвид кинеската економија која има импресивен годишен економски раст.

Двете држави имаат можности и за поширока соработка во областа на науката, образованието, а особено во земјоделството. Парламентите, владите и институциите на двете држави треба постојано да вложуваат напори за создавање на широка рамка на билатерални спогодби и други документи, кои создаваат поволен амбиент за разновидна соработка.

Република Македонија и Народна Република Кина, имаат воспоставено добри односи на соработка во областа на земјоделството, кои имаат тенденција за унапредување, со оглед на заемниот интерес меѓу двете држави. Народна Република Кина е значаен поддржувач на развојните процеси во секторот земјоделство.

Потпретседателот на Народната политичка консултативна конференција на провинцијата Сичуан, г. Гао Фенг, ги запозна домаќините со провинцијата Сачуан, која е важен дел од Кина со 90 милиони жители и со развиен индустриски сектор и економија, со развиено земјоделство, кое е од витално значење за прехрана на населението. 

Исто така, на средбата се истакна дека Република Македонија има земјоделски потенцијал кој треба да се искористи и земјоделските производи да се пласираат на трети пазари.

Click