Активности

Понеделник, 21 септември 2015 година

Националната гарда на Вермонт и АРМ со 20-годишно партнерство од историска важност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија, оствари средба со Делегација од Соединетите Американски Држави, предводена од командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стевен А. Греј.

Средбата ја отвори претседателот на Комисијата, г. Емил Димитриев, изразувајќи благодарност за посетата и поддршката која нашата земја ја добива од САД на евроинтегративниот пат. Притоа, истакна дека Република Македонија ги има исполнето сите услови за членство во ЕУ и НАТО, но поради грчкото вето, сè уште не е дел од овие клучни институции. Зачленувањето би било во корист не само за нас, туку и за регионот и светот воопшто и тоа останува единствена алтернатива за земјата.

Во продолжение, г. Димитриев ги потенцираше добрите билатерални односи меѓу двете земји и меѓусебното стратешко партнерство, воедно потенцирајќи дека САД се сериозен и кредибилен партнер на Република Македонија. Тој дополни дека Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија имаат соработка не само во рамките на одбраната и безбедноста, туку и во повеќе други сфери, како здравство, образование, социјала.

Генерал-мајорот Греј истакна дека нивната Гарда одбележува 20 години партнерство со Република Македонија, што е од историска важност, затоа што тоа е случај само со уште две-три држави. Воедно, потенцираше дека уште од самиот почеток, САД се фокусирани нашата земја да стане член на НАТО и сè уште остануваат посветени на ова прашање, покажувајќи отвореност за помош и поддршка.

Исто така, генерал-мајорот искажа импресионираност од македонските војници, од нивниот ентузијазам, стручност и стремеж да бидат подобри, притоа потенцирајќи дека нечленството на Македонија во НАТО нема никаква врска со нивната способост, туку е последица на политичката ситуација.

Гостите беа информирани дека во нашата земја постои и граѓански и политички консензус за членство во ЕУ и НАТО и дека сите мисии на АРМ и во Авганистан и во Ирак, секогаш биле едногласно изгласани во Парламентот, без разлика кој бил во позиција или опозиција, дали станува збор за македонска или албанска, голема или мала партија.

Двете страни беа согласни дека меѓусебната соработка мора да продолжи да се унапредува и продлабочува, а оваа посета ќе резултира со нови договори меѓу двете армии.

Click