Активности

Понеделник, 14 март 2016 година, Софија

Најважна цел на земјите од Југоисточна Европа е модернизацијата на транспортната инфраструктура

Пратеникот Љубомир Јосифовски, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествуваше на Седницата на Комисијата за економија, инфраструктура и енергија на ПС на ПСЈИЕ, што се одржа на 11 и 12 март 2016 година во Софија, Република Бугарија. 

Членовите на комисијата ги разгледаа и утврдија предлог извештајот и резолуцијата на тема: „Подобрување на инфраструктурата во Југоисточна Европа – забрзување на приоритетните проекти“, кои се очекува да бидат усвоени на претстојното годишно заседание на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 9 до 11 јуни 2016 година во Софија.

Во дискусијата беше нагласено дека темата е од особено значење за регионот и дека најважна цел на земјите од Југоисточна Европа е модернизацијата на транспортната инфраструктура, со цел за постигнување на нивото на трансевропската транспортна мрежа. При утврдувањето на предлог резолуцијата, едногласно беа усвоени четири амандмани поднесени од пратеникот Љубомир Јосифовски.

На седницата беше утврдена и работната програма на комисијата за периодот 2016 -2017 година. Во контекст на тековната криза со бегалците и мигрантите, пратеникот Љубомир Јосифовски предложи во фокусот на дебатата на Комисијата да бидат економските предизвици во регионот поврзани со мигрантската криза.

Овој предлог беше поддржан од повеќе делегации, по што темата беше утврдена во работната програма на Комисијата за економија, инфраструктура и енергија на ПС на ПСЈИЕ.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. 

Click