Активности

Понеделник, 27 јуни 2016 година

НАТО членството клучно за напредок на Република Македонија 

Делегација на Парламентарното собрание на НАТО од Поткомитетот за трансатланска одбрана и безбедносна соработка и од Поткомитетот за демократско владеење, оствари средба со Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС НАТО и со Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија.

На средбата со Собраниската делегацијата во ПС НАТО, присуствуваа г-ѓа Ермира Мехмети, шеф на Делегацијата и членот, г. Павле Трајанов.

На почетокот, г-ѓа Мехмети изрази благодарност што така голема делегација од НАТО ја посетува Република Македонија во пресрет на Самитот во Варшава.

Таа потсети дека НАТО е врвен приоритет за државата, дека 14 години Република Македонија е дел од НАТО мисиите и со тоа ја докажува цврстата посветеност во борбата против насилството и тероризмот. Сепак, евроатланските аспирации на нашата земја се условени со дведеценискиот спор за името со Република Грција. За една држава која практично стои во исто место осум години, предизвик е да се одржува духот за евроатланска иднина и да не се создаде скептицизам, особено по „Брегзит“.

Госпоѓа Мехмети информираше и за актуелната политичка ситуација во државата и справувањето со мигрантската криза.

Во тој контекст, г. Павле Трајанов истакна дека и покрај евидентната политичка криза, најмалку погодена област е одбраната и Република Македонија подолг период е подготвена да биде НАТО членка, но и понатаму ја очекува поканата поради ветото од Грција. Тој дополни дека поддршката од македонските граѓани за членство во ЕУ и НАТО иако сè уште има висок процент, сепак е намалена во однос на минатиот период.

Претседавачот на НАТО делегацијата, г. Свер Мурли, заблагодарувајќи се за приемот, истакна дека се тука за да набљудуваат и да научат повеќе за воените и другите предизвици на Република Македонија.

Тој беше дециден дека НАТО е еден од најголемите сојузници на Република Македонија со заедничка цел за мир и стабилност. Истовремено, се заблагодари до македонските трупи кои се дел од мисиите на Алијансата, изрази разочарување што Македонија сè уште не е дел од НАТО и надеж дека што поскоро ќе ѝ посака добредојде во НАТО. 

Присутните се согласија дека доколку нема мир и стабилност на Балканот како своевиден буре барут, тоа значи опасност за цела Европа. 

Во продолжение, Делегацијата на ПС НАТО оствари средба и со Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот, г. Сашо Аќимоски и членовите: г. Иван Иванов, г-ѓа Нада Ципушева, г-ѓа Вјолца Мехмети-Нуредини, г. Чедомир Саздовски, г. Павле Саздов и г. Талат Џафери.

Претседателот на Комисијата, г. Сашо Аќимоски, во своето воведно обраќање ѝ посака срдечно добредојде на целокупната делегација, како и успешна работа и престој во Македонија. 

Во однос на ЕУ и НАТО алијансата, тој посочи дека остануваме и понатаму посветени на нашата стратешка определба за членство, кое за нас е врвен приоритет на надворешната политика на земјата. Воедно, Македонија од земја аспирант за членство стана активен контрибутор во НАТО, преку учество во воените и мировни мисии во Авганистан, како и давање логистичка поддршка на КФОР.

Во справувањето со мигрантската криза како глобален феномен кој ја зафати и Европа, Македонија даде огромен придонес за мирот, како и за регионалната и европска стабилност.

Претседавачот на НАТО делегацијата, г. Свер Мурли, посочи дека пред Варшавскиот самит, сакаат да се запознаат со тековната политичка ситуација во Македонија, но и пошироко на Балканот. Односите со Македонија, тој ги окарактеризира како добри, пријателски и сојузнички во изминатите години, воедно упати и благодарност за учеството во одличните НАТО операции.

На средбата, присутните разменија мислења и ставови за моменталната политичката состојба, како и за предизвиците со кои Македонија се справува во поглед на мигрантската криза. 

Беше потенцирано дека заеднички интерес за Македонија и НАТО е да има мир и стабилност на Балканот.

Click