Активности

Четврток, 2 октомври 2014 година, Стразбур

НИКОЛОСКИ ЗА УСВОЈУВАЊЕТО НА РЕФОРМАТА НА МОНИТОРИНГ ПОСТАПКАТА НА СОВЕТ НА ЕВРОПА

На есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, беше усвоена реформата на мониторинг постапката од страна на Мониторинг комитетот, а се очекува истата да биде усвоена и на пленарна сесија, денес доцна попладне.

Реформата на мониторинг постапката, е резулат на работата на ад-хок Комитетот формиран за оваа цел, во којшто членува и Александар Николоски како потпретседател на Мониторинг комитетот. 

Реформата е врз основа на Резолуцијата (1953) од 2013 година, на Парламентарното собрание, којашто се однесува на зголемување на ефикасноста и влијанието на мониторинг постапката, врз сите земји-членки на Советот на Европа. Со истата, се предвидува периодично разгледување на исполнување на обврските засновано на принципот „земја по земја“ за сите земји-членки на Советот на Европа, како и периодично разгледување на групи на земји, засновано на принципот „тема по тема“, или, пак, регионален пристап. Исто така, согласно предложеното и Резолуцијата (1936) од 2013 година, процедура за мониторинг може да се отвори и секогаш кога има загриженост за состојбите во одредена држава. Ова ќе значи дека сите земји-членки на Советот на Европа ќе мора целосно да ги исполнуваат обврските кон Советот, пред сè во делот на владеење на правото, основните човекови и малцински права, јазичните и културните права, борбата против корупцијата и независното судство, со што би се напуштил двојниот стандард којшто во моментов постои.

По овој повод, пратеникот Александар Николоски истакна:

„Ми претставува задоволство, што Парламентарното собрание на Совет на Европа, усвојува една голема реформа.

Реформата е резултат на напорната работа на ад-хок Комитетот формиран од Совет на Европа, во којшто ја имав привилегијата да учествувам и работам.

Со новите мониторинг процедури, сите земји во Советот на Европа се изедначуваат во своите права и обврски. Факт е дека постојат земји-членки на Советот, кои не ги исполнуваат критериумите за членството. Мониторинг кон сите ќе значи и обврска за сите. Затоа би сакал да најавам дека ќе ја искористам оваа можност и веќе од јунската сесија во 2015 година, ќе побарам да се определат известувачи за мониторинг врз Грција, во делот на почитување на „Рамковната конвенција за заштита на националните  малцинства“, којашто Грција ја нема ратификувано, а е основен документ за членство, како и дискриминирачките закони од 1982 и 1985 година, според кои, право на враќање во Грција и право на враќање на имоти имаат само Грците по род. Исто така, Грција не дозволува образование на мајчин јазик, како и искажување на културните традиции низ различни форми на асоцијација за македонското, албанското, турското и ромското малцинство. Грција не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

Новиот механизам, ќе овозможи објективен поглед на овие состојби и јасни препораки од Мониторинг комитетот за надминување на иститите. Се надевам дека, новата мониторинг постапка ќе биде прифатена за сите и ќе даде нова суштина и нова смисла на работата на Советот на Европа“, истакна Николоски.

Реформата на мониторинг постапката, стапува во сила од јануари 2015 година, а првите известители се очекува да почнат со работа од јунската сесија.

Click