Активности

Петок, 12 декември 2014 година,  Париз

Николоски побара побрза интеграција во ЕУ за земјите од регионот меѓу кои и Македонија

Пратеникот Александар Николоски - шеф на македонската делегација во ПС на Советот на Европа на 10 декември учествуваше во работата на Комисијата за правни прашања и човекови права и на 11 декември 2014 година на Мониторинг комисијата, каде што е прв потпретседател.

На Комисијата за правни прашања и човекови права се разгледуваше состојбата со почитување на човековите права во Европа, беа разгледани извештаите за  ефективноста на Европската конвенција за човекови права и Брајтонската декларација за реформа на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, извештајот за заканите за принципот на владеење на правото во земјите-членки на Советот на Европа, а по однос на предизвиците со заштитата на човековите права беа разменети мислења со врвните авторитети од оваа област - г. Кристијан Девос од „Иницијативата за правда" од Лондон, г-ѓа Вероника Зенте Голдстон, директор на „Хјуман рајтс воч" за Европа и Централна Азија во Њујорк, како и Брижит Дафур, директор за меѓународни партнерства на „Граѓанската солидарна платформа" од Брисел.

Во разгледувањето на извештаите, како и во размената на мислења со експертите, пратеникот Николоски посочи на потребата од притисок врз земјите-членки кои не ги спроведуваат одлуките на Европскиот суд, притоа потсетуваќи на случаите со македонското малцинсво во Грција и пресудите во негова корист кои не се применети од грчката држава. Николоски, исто така, потсети дека е недозволиво да не се признаваат основните човекови права на етничка, јазична и културна посебност на македонското, турското, влашкото и албанското малцинство. Комисијата усвои препорака со која се бара од земјите-членки итна и неодложна имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Пратеникот Николоски, исто така, учествуваше и во работата на Мониторинг комитетот каде што е прв потпретседател. На последна седница, во оваа година, беа разгледани извештаите за мониторинг врз Црна Гора, Монако, Србија, Грузија, а беше разгледана и состојбата на односите со Руската федерација. Николоски во своето обраќање побара побрза интеграција во ЕУ за земјите од регионот меѓу кои и Македонија, со цел да се потврди европската иднина на регионот и да се запре со политиката на блокади. 

Во средбите со членовите на Мониторинг комитетот, како и со известителот за Македонија британскиот пратеник г. Роберт Волтер, како и со водачите на политичките групи  во ПС на Советот на Европа, Николоски информираше за политичката ситуација во Македонија. Притоа од соговорниците беше поздравена добрата економска политика и растот на стопанството, предложените уставни измени, како и реформските закони кои ги усвојува Собранието на Република Македонија, а од соговорниците уште еднаш беше изразено жалење за постапките на опозициската СДСМ и беше потсетено на резолуцијата на Мониротинг комитетот со која се осудија ваквите постапки на СДСМ, и беа повикани пратениците целосно да го остварат својот мандат низ активно учество и дијалог во рамки на Собранието, а беше потсетено и на заклучоците на постизборната мисија на ПС на Совет на Европа кои беа во иста насока.

На состанокот беше искажана поддршка за едногодишната работа на претседателството на Мониторинг комиетот, чиј прв потпретседетел е пратеникот Александар Николоски. Притоа како најголеми достигнувања беа потенцирани реформата на мониторинг процесот со која од следната година сите земји ќе бидат под мониторинг поделени по групи на земји или на принципот „тема по тема", а беа поддржани и голем број извештаи на кои работеше Мониторинг комитетот во измината година. 

Во своето обраќање и средбите кои ги имаше пратеникот Николоски се заблагодари на силната поддршка од членовите на Мониторинг комитетот во изминатат година и изрази надеж за повторна поддршка за реизбор на оваа позиција на зимската сесија на ПС на Совет на Европа во последната недела на јануари 2015 година во Стразбур. 






Click