Активности

Вторник, 14 октомври 2014 година

Осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Осма седница, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка;
  2. Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година.

- Потребата од донесување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, ја образложи заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев, при што го даде образложението содржано во Предлогот на Законот. 

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски и заменик-членот, г. Зоран Илиоски.

Беше истакнато дека со предложеното изменување на Законот за енергетика се врши допрецизирање на одредбите во делот за енергетска ефикасност кои се однесуваат на постапките поврзани со градење и реконструкција на згради (објекти) и спроведување на испитите за стекнување со овластување за енергетски контролор, потоа на одредбите кои се однесуваат на полагање на испити за стручна оспособеност на ракувачи на енергетските уреди и постројки, одредбите од законот кои се однесуваат на изработката на енергетскиот биланс, како и допрецизирање на одредбите во делот на усогласување со вториот пакет директиви од внатрешниот пазар на природен гас. Со предложеното изменување на Законот за енергетика се врши одлагање на рокот за целосна либерализација на пазарот на електрична енергија.  

Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. 

Комисијата му предложи на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе овој Предлог-закон.

- Во врска со Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, воведен збор и свое излагање имаше заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев. 

Беше истакнато дека генералната оценка е дека е постигнат голем напредок во БДП. Во првата половина на 2014 година забележан е раст во износ од 3,9%. Исто така забележан е и значителен раст на странските инвестиции во износ од 3,5% од БДП. Компаративно со земјите од Европската Унија, Република Македонија е лидер во делот на економскиот раст. 

Во делот на слободното движење на стоки во соработка со Министерството за финансии и царинската управа и понатаму се продолжува со фазното намалување на сите тарифни бариери коишто произлегуваат како резултат на меѓународните договори потпишани со Светската трговска организација, со Договорот за пристапување кон Европската Унија и со земјите од ЦЕФТА. 

Во делот на трговските друштва, исто така, е забележан напредок, посебно со последните измени во делот со Законот за трговските друштва, каде што се дава заштита на малцинските акционери. 

Беше истакнато дека постои напредок и во делот кампањата за заштита на правата на потрошувачите, каде што е значителен прогресот во делот на кампањата за промовирање на нивна заштита. 

Во делот на претпријатијата, забележан е значителен напредок, посебно преку новиот фонд за иновации. 

Исто така, постои голем напредок и во делот на туризмот, каде што Владата на Република Македонија презеде мерки за субвенционирање на туризмот, кои даваат реални позитивни резултати и голем раст на туризмот. 

Во делот на енергетиката еден дел генерално е позитивен, а другиот дел Министерството за економија дополнително го разгледува, бидејќи од страна на Европската енергетска заедница беше доставен еден предлог во делот на обновливите извори на енергија. Република Македонија во делот на обновливите извори на енергија е лидер во регионот. Нашата земја користи голем број на хидропотенцијали. 

Во шестото поглавје, во делот на надворешните односи, исто така, има прогрес, посебно во делот со односите со Светската трговска организација и со ЦЕФТА. 

Голем напредок е остварен во делот на стечајните постапки. Донесени се нови закони, односно скратен е рокот на траење на стечајните постапки.   

Во претресот по Годишниот извештај учествуваа: претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски; членот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Кузмановска и заменик-членот на Комисијата, г. Зоран Илиоски. 

На крајот од расправата, Комисијата за економски прашања го проследи Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click