Активности

Четврток, 16 октомври 2014 година

Осма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 8. Седница, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште - I читање;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата - II читање;
  3. Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на Република Македонија за 2014 година во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството.

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-ѓа Маја Лазареска, раководител на Сектор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и г. Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Во однос на Предлогот на законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Во дискусијата учествуваа пратениците: г. Ромео Тренов, г. Реџаиљ Исмаили, г. Љупчо Димовски и г. Ѓоко Камчев. 

На крајот, Комисијата едногласно го усвои следниот заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште (прво читање) и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека Предлогот на законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Претседавачот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата.

Комисијата, без дискусија, го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

- Во дискусијата по Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на Република Македонија за 2014 година во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството, учествуваа пратениците: г. Ромео Тренов, г. Никола Мицевски, г. Љупчо Димовски и г. Реџаиљ Исмаили, како и заменик-министерот Костадиновски и директорот Рунтевски. 

Во својата дискусија, заменик-министерот истакна дека од страна на ЕУ се нотирани работи коишто согласно програмата биле планирани и тековно спроведени во 2014 година. Севкупно, нотиран е напредок во земјоделството и руралниот развој и во подобрување на структурата на фармите и воспоставување на интегрирани контролни системи. 

Нотирано е и дека соработката со ЕУ и ИПАРД програмата успешно се реализира, особено Проектот за органско производство и за заштита на квалитетот на земјоделските производи. 

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, истакна дека генералниот заклучокна е дека подготовките во делот на ветеринарната политика и безбедноста на храната се во напредна фаза. Единствените забелешки се во делот на фитосанитарната политика, меѓутоа со новите мерки и активности, догодина ќе има резултати и на ова поле.

На крајот од расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство како заинтересирано работно тело го проследи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2014 година, на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click