Активности

Среда, 6 јули 2016 година

Осумдесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната Осумдесет и четврта седница, како матично работно тело, го разгледа Годишниот извештај за извршените ревизии  и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година.

На седницата на Комисијата присуствуваше заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми, кој даде воведно образложение по Годишниот извештај. 

Тој истакна дека  во текот на 2015 година е реализирана програма за работа со која се опфатени сите видови на ревизии, при што посебен акцент е даден на ревизиите на успешност. 

Државниот завод за ревизија во текот на 2015 година произвел 79 извештаи кои содржат информации и препораки за подобрување на финансиското управување и одговорно трошење на јавните средства од страна на ревидираните субјекти. Со ревизија биле опфатени 410 субјекти, од кои 90% со ревизија на успешност. 

Државниот завод за ревизија го следи спроведувањето на препораките во ревизорските извештаи во рамките на вршењето на редовните ревизии и контроли. Извршени се 56 проверки за утврдување на спроведувањето на препораките опфатени во конечните ревизорски извештаи дадени во 2014 и 2015 година. Од анализата на собраните податоци од субјектите и проверките за спроведување на дадените препораки за 2014 година, се констатирало дека 67% се целосно или делумно спроведени. 

Годишниот извештај за 2015 година посебно внимание посветува на главните аспекти на состојбите утврдени со ревизиите од Основниот буџет на Република Македонија, како и судството, јавните здравствени установи и локалната самоуправа. 

Во текот на 2015 година извршени се 18 ревизии на успешност во повеќе области од јавните услуги, 13 ревизии на успешност кои се однесуваат на системот за финансиско управување и контрола на внатрешната ревизија кај субјектите предмет на ревизија. 

Во претресот учествуваа пратениците Драган Цуклев и Крсто Мукоски.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните Заклучоци:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година;
  2. Собранието констатира дека Државниот завод за ревизија во 2015 година реализирал активности во насока на зголемен придонес во јакнење на финансиската контрола и одговорност на јавниот сектор на Република Македонија;
  3. Собранието позитивно ги оценува активностите на Државниот завод за ревизија за проверки на дадените препораки во ревизорските извештаи во функција на утврдување на степенот за нивно спроведување што ќе има за резултат повисок степен на наменско и законско трошење на средствата од страна на корисниците на јавните средства;
  4. Со оглед на тоа што Државниот завод за ревизија при ревизијата на финансиските извештаи, ревизијата на усогласеност и ревизијата на успешност констатирал голем број на наоди, Собранието укажува дека е потребно субјектите кои се предмет на ревизија да постапуваат по препораките на Државниот завод за ревизија кои имаат за цел подобрување на финансиското управување и одговорно трошење на јавните средства, а Државниот завод за ревизија да го следи спроведувањето на дадените; 
  5. Собранието смета дека е потребно Владата на Република Македонија да ги усогласи законите кај кои Државниот завод за ревизија препораки преку посебни ревизии.истакнува системски слабости кои имаат финансиски импликации врз работењето на субјектите;
  6. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.
Click