Активности

Среда, 24 август 2016 година

Осумдесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 85. Седница, одржана на 22 август 2016 година, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, поднесен од пратеникот Павле Трајанов (во прво читање);
  • Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2015 година;
  • Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2015 година;
  • Финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2015 година.

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг даде пратеникот Павле Трајанов, но Комисијата со 3 гласа ‘’за’’ и 7 гласа ‘’против’’ заклучи дека тој не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Воведно образложение по Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2015 година даде извршниот член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Зоран Стојановски. 

Тој истакна дека во текот на 2015 година на осигурителниот пазар функционираа 15 друштва за осигурување, од кои 4 друштва за осигурување работат на осигурување на живот, додека останатите 11 вршат работи на неживотно осигурување. Во текот на анализираниот период дадена е дозвола за работа на 1 осигурително брокерско друштво, а беше и одземена дозвола на 1 друштво. Друштвата за осигурување се во доминантна сопственост на странски правни лица од финансиски сектор (92,17%), кои се делумно или целосно присутни во 14 од вкупнп 15 друштва за осигурување на пазарот. Притоа, 11 друштва за осигурување се дел од осигурителни групации со седиште во земји-членки на ЕУ, додека само едно друштво за осигурување е во целосна сопственост на домашни инвеститори. Во 2015 гпдина е остварена бруто полисирана премија  во износ од 8,28 милијарди денари, што претставува пораст од 8,50% во однос на БПП остварена во 2014 година. Кај неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 7,18 милијарди денари, односно раст од 6,47% во споредба со 2014 година. Во делот на осигурување на живот e остварена БПП во износ од 1,10 милијарди денари, што претставува зголемување од 23,94% во однос на претходната година. Во вкупната БПП најзначајно учество има осигурувањето кај моторните возила со 52,96%, при што осигурувањето од автомобилска одговорност учествува со 44,59%, а доброволното осигурување на моторни возила (каско) со 8,37%. Потоа, следува осигурувањето  на имот (од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици) со 19,82% и осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) со учество од 7,23%. Исто така, и осигурувањето на живот зазема значајно место со учество од 11,64%.Друштвата за осигурување во текот на 2015 година исплатиле износ на штети од 3,18 милијарди денари и во споредба со 2014 година, износот на исплатени штети е поголем за 4,25%. Во текот на 2015 година, осигурителниот сектор оствари добивка од оданочување во износ од 512,95 милиони денари. Кај друштвата за неживотно осигурување, 9 друштва остварија добивка во износ од 524,23 милиони денари, додека пак 2 друштва остварија загуба во износ од 54,93 милиони денари. Кај друштвата за осигурување на живот, друштвата остварија добивка во износ од 43,65 милиони денари, и тоа две друштва остварија добивка од 67,13 милиони денари, а две друштва прикажаа загуба во износ од 23,49 милиони денари.

Во однос на Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2015 година беше истакнато дека Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија е самостојно и независно регулаторно тело кое врши јавни овластувања, врз основа на одредени законските решенија.  Агенцијата за супервизија на осигурување врши спроведување на супервизија на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштва за застапување на осигурување, донесува подзаконски акти, одлучува за издавање на дозволи, согласности, отстранување на незаконитости на спроведени супервизии и изрекува мерки врз друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување на осигурувањето и други правни и физички лица врз кои Агенцијата има надлежност да спроведе супервизија. Во делот на регулативата во текот на 2015 година  се донесени 2 нови подзаконски акта и 2 подзаконски акта кои уредуваат измени и дополнувања на претходно донесени подзаконски акти. Исто така се донесени нови правилници заради потребата од пропишување на условите, начинот и постапката на спроведување на обуки за вршење осигурително брокерски работи и работи на застапување во осигурување со цел усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување. Во текот на 2015 година, со цел да се изврши усогласување со Законот за заштита на лични податоци направени се измени и во два претходно донесени подзаконски акти кои се однесуваат на начинот на водење на регистри на застапници во осигурувањето, друштва за застапување во осигурувањето, осигурителни брокери, осигурителни брокерски друштва и банки. Во доменот на лиценцирањето, Агенцијата за супервизија на осигурување  во 2015 година издала: 1 дозвола за основање осигурително брокерско друштво, 3 дозволи за основање друштва за застапување, 3 дозволи за воведување нова класа на осигурување, 1 дозвола за пренос на осигурителни портфолио,10 согласности за вршење функција член на орган на управување, 12 согласности за измена на Статут на друштво за осигурување, 15 согласности за друштва за ревизија на финансиските извештаи, 214 лиценци за застапници во осигурувањето и 59 лиценци за осигурителни брокери. Во делот на супервизијата, Агенцијата спроведува супервизија на друштвата за осигурување, осигурителни брокерски друштва, друштва за застапување во осигурувањето и Националното биро за осигурување, во согласност со Законот за супервизија на осигурување.  Во согласност со Годишниот план, во  текот на 2015 година, Агенцијата спрпвела 8 делумни теренски супервизии кај друштвата за осигурување, како и 3 вонредни теренски супервизии на осигурителни брокерски друштва. Врз основа на спроведените теренски супервизии, Агенцијата  издала 67 наредби за отстранување на незаконитости.

Во однос на меѓународната соработка, еден од главните приоритети на Агенцијата  за 2015 година е продолжување на интензивната соработка со домашните регулаторни органи и други надлежни институции, како и со супервизорски тела и институции од странство. Во таа насока, се потпишани 2 меморандуми за соработка, со Управата за јавни приходи на Република Македонија и Народната банка на Србија, која е одговорна институција за спроведувањето на супервизијата на осигурување во Србија. Исто така потпишан е и Колективен договор за независни регулаторни тела, што претставува потврда за довербата помеѓу спцијалните партнери и уште една норма на секторско ниво која ќе придонесе за унапредување на правата и обврските од работен однос. Во насока на заштита на правата на осигурениците, Агенцијат постапувала по предмети доставени од осигуреници, корисници на осигурување и трети оштетени лица, кои не биле задоволни од постапувањето на друштвата за осигурување. Во текот на 2015 година се поднесени 110 претставки, при што 81 претставка се решени, од кои 37 во корист на подносителите на претставките, 17 претставки се без основа за постапување и 12 претставки се во процес на решавање.

Воведно образложение по Финансските извештаи даде членот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување,Зоран Стојановски. 

Тој истакна дека финансиските извештаи се во согласност со Годишниот план на Агенцијата за супервизија на осигурување кој исто така бил предмет на разгледување и одобрување  од страна на Собранието на Република Македонија. Финансиските извештаи ги одразуваат реалните состојби од секој материјален поглед согласно Законот за сметководство на непрофитните организиции.

Во претресот по Извештаите учествуваа пратениците: г. Љубомир Јосифовски и г. Сашко Поцков. 

На крајот од расправата, Комисијата ги усвои горенаведените Извештаи. 

Click