Активности

Среда, 7 септември 2016 година

Осумдесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 86. седница одржана на 30, 31 август, 1, 5, 6 и 7 септември 2016 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Воведно образложение по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година даде министерот за финансии, г. Кирил  Миноски. 

Тој истакна дека со поднесениот Предлог за измени и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2016 година треба да се обезбедат дополнителни средства за исплата на оштетата од августовската поплава. Имено на 6 август оваа година скопскиот и тетовскиот регион го погоди катастрофално невреме кое резултираше со загуба на многу човечки животи и голема материјална штета особено за граѓаните од зафатените подрачја. За таа цел Владата на Република Македонија донесе сет на мерки за ублажување на последиците од поплавите меѓу кои е и мерката да се обезбеди 100 % обесштетување на граѓаните од кризните региони. Согласно членот 11 од Законот за буџетите, во Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините се планираат средства како резерви за отстранување на последиците од елементарни непогоди, епидемии и еколошки катастрофи. Со Измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2016 година се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 2,240 милиони денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата елементарна напогода. Со овие измени, односно со обезбедувањето на дополнителните средства се врши ревидирање на буџетскиот дефицит на ниво од 4% од БДП.
Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит.

Исто така со цел да се обезбеди поголема поддршка за настраданите, Владата на Република Македонија со помош на Светската банка, УНДП и Европската комисија отпочна да спроведува анализа според методологијата Post Disaster Needs Recovery  Assessment односно Процена на потребите за обнова по катастрофа, која има за цел не само да помогне во креирање на сеопфатна анализа на трошоците што се јавуваат како последица на катастрофалните поплави туку воедно да помогне во дизајнирање на мерки кои што на краток, среден и долг рок треба да се превземат со цел да се минимизираат штетите што би настанале како резултат на елементарни непогоди кои би се случувале како последица на сé поизразените климатски промени во Република Македонија. 

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Крсто Мукоски, Орхан Ибраими, Реџаиљ Исмаили, Стојко Пауновски, Даниела Рангелова, Драган Цуклев, Светлана Карапетрова, Момчило Аврамовски, Владанка Авировиќ, Горан Сугарески, Јагода Шахпаска, Ернанд Фејзула, Васко Ковачевски, Сашо Аќимоски, Васил Пишев, Јасминка Дамчевска, Соња Мираковска, Сашо Поцков, Никола Мицевски, Миле Андонов, Билјана Настеска, Ален Георгиев, Мира Стојчевска, Димитар Стевананџија, Јулијана Силјанова, Милевка Ѓорѓиева, Бетиане Китев, Весна Пемова, Томислав Тунтев и Лидија Димова.

На Комисијата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година беа поднесени вкупно единаесет амандманите, од страна на овластените предлагачи, кои Комисијата не ги усвои.

На крајот од расправата, Комисијата го проследи Предлогот за изменување и дополнување на  Буџетот на Република Македонија за 2016 година  на натамошна постапка.

Click