Активности

Вторник, 30 декември 2014 година

Осумнаесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија 

Комисијата за транспорт, врски и екологија  на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 18. седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за градежно земјиште;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите и стварноправните односи во воздушниот сообраќај;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет на амбиентниот воздух.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше заменикот на министерот за транспорт и врски, г. Ниметула Хаљими, кој ги образложи првите три Предлог-закони, ја нагласи потребата за нивно донесување, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

Во дискусијата по Предлогот на законот за градежно земјиште, учествуваше пратеникот г. Стојан Миланов, кој  истакна дека станува збор за сложен Предлог-закон, чиј предмет на уредување се односите во врска со сопственоста, користењето и располагањето со градежното земјиште. Предлог-законот е систематизиран во делови, како засебни тематски целини, коишто се поделени и разграничени со поднаслови кои хронолошки и прецизно нудат одредби кои се јасно прецизирани. 

Претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили зеде учество во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите и стварноправните односи во воздушниот сообраќај.

Притоа, истакна дека Предлог-законот се однесува на забелешките внесени во Извештајот на Европската комисија од 2011 година за напредокот на Република Македонија и тоа: првата забелешка е во поставувањето на системот за надзор, преку кој се набљудува почитувањето на регулативата на ЕУ 1008/2008; втората забелешка е во поставување на казнени мерки во случај на непочитување на правилата за слободно формирање на цени на авиобилети кога истите се продаваат од страна на авиопревозниците; третата измена е во овозможување на општа сопственост на приватните фирми коишто располагаат со летала за пожарникарство да се вклучат во стечајна маса и да бидат случај на присилна наплата и последната измена е усогласување на Законот за облигационите и стварно правни односи во воздушниот сообраќај со националното законодавство кое ја регулира материјата на воспоставување на законски заложни права.

Во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, учествуваа пратениците г. Реџаиљ Исмаили и г-ѓа Слаѓана Митовска.

Претседателот на Комисијата истакна дека станува збор за мала измена во Предлогот на законот. Се интервенира во член 6 од законот каде се додава нов став 9 кој гласи: Давателот на услугата е должен сметките за наплата на надоместок од став 8 на овој член на правните лица да ги доставува само по електронски пат на нивната електронска адреса, а на барање на физичките лица може сметките да се доставуваат на нивната електронска адреса.

Заменик-членот Митовска истакна дека со Предлог-законот се предлага комуналните претпријатија, како даватели на услуги, сметките за вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, на правните лица да ги доставуваат по електронски пат, а на физичките лица да се доставува на електронска адреса само со дозвола од физичкото лице.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, г. Стево Темелковски, кој даде образложение на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

По сите четири Предлог-закони, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:  

  • Комисијата врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија констатира дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click