Активности

Четврток, 26 март 2015 година

Осумнаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 18. седница, како матично работно тело, ги разгледа:
  1. Предлог-законот за изменување на Законот за хидрометеоролошка дејност - II читање;
  2. Предлог-законот за водостопанство - II читање;
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделски задруги - II читање;
  4. Предлог-законот за изменување на Законот за продажба на земјоделското  земјиште во државна сопственост - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Господин Ромео Тренов, претседавач на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување на Законот за хидрометеоролошка дејност и по Предлогот на законот за дополнување на Законот за земјоделски задруги.

Комисијата ги проследи овие Предлог-закони на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

- Во однос на Предлог-законот за водостопанство, претседавачот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, се поднесени 15 амандмани.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: Ромео Тренов, Љупчо Димовски, Реџаиљ Исмаили и Рамис Мерко, како и заменик-министерот Костадиновски. 

Во Дополнетиот предлог на закон за водостопанство се вградени  амандманите кои беа усвоени на седниците на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Законодавно правната комисија и тоа: 10 амандмани поднесени од пратениците: Ромео Тренов, Љупчо Димовски, Реџаиљ Исмаили, Силвана Бонева, Соња Талевска, Марјанчо Колевски, Ѓоко Камчев, Ѓорѓи Коџабашиев, Никола Мицевски, Зоран Ѓорѓиевски и Олга Најденовска; 1 амандман од пратеникот Реџаиљ Исмаили; како и два амандмани поднесени и усвоени од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и усвоени од Законодавно-правната комисија. Два амандмани не беа усвоени, а три беа повлечени.

Комисијата го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

- Во врска со Предлогот на законот за изменување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост (прво читање) и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека Предлогот на  законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click