Активности

Вторник, 28 јуни 2016 година

Педесет и осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на денешната Педесет и осма седница, како матично работно тело го разгледаПредлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен од пратениците Владанка Авировиќ и Стојан Миланов (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставник на предлагачите, пратеничката Владанка Авировиќ.

Таа истакна дека со Законот за минерални суровини во Република Македонија уредени се условите и начинот на вршење на деталните геолошки истражувања и експлоатацијата на минерални суровини, наплатата на концесиските надоместоци, надзорот и казнените одредби. Со измената и дополнувањата на законот („Службен весник на Република Македонија” број 160/14), се додаде нов член 17-а, со кој се уреди постапката за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања по истекот на рокот од договорот за концесија. Со примената на новиот член во пракса се наметна потреба за редефинирање и допрецизирање на истиот со што би се овозможила негова соодветна имплементација вклучувајќи, ги сите засегнати страни. 

Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, има за цел да ги допрецизира одредбите од постоечкиот закон, за кои се покажа дека има потреба за редифинирање поради соодветна имплементација во пракса,  по денесените измени и дополнувања. Имено со предложените одредби ќе се допрецизира постапката за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања по истекот на рокот од договорот за концесија, во деловите за кои во пракса се покажа дека е потребна дополнителна законска регулација како и можноста за започнатите постапки по барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања по истекот на рокот од договорот за концесија согласно Законот за минерални суровини да завршат согласно предложениот закон.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата за економски прашања Предлогот на закон за изменување  и дополнување на Законот за минерални суровини го проследи на натамошна постапка во Собранието.






Click