Активности

Понеделник, 20 јули 2015 година

Педесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Педесет и петтата седница, одржана на 16 јули 2015 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност - I читање;
  2. Предлог-среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2016-2020 година.

Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески. 

Тој истакна дека со предложеното законско решение се врши пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата, односно се врши пролонгирање на рокот за уште три години, од 1 јануари 2016 година до 31 декември 2018 година. 

Со предложените измени ќе се даде силен придонес во заживувањето на целокупниот градежен сектор во земјата, а воедно ќе се создадат и услови за пониски цени на становите и можност за нивна поголема достапност до крајните купувачи. 

Истовремено, се предлага да се овозможи правото на одбивка на претходниот данок на додадена вредност за издатоци за кетеринг за лица ангажирани од филмскиот продуцент, при производство на филм наменет за јавно прикажување, со цел поттикнување и развој на филмската дејност во земјата. 

Исто така, на барање на компаниите кои работат во слободните зони, со предложеното законско решение се дефинира  поимот „промет наменет за крајна потрошувачка во слободни зони“. Воедно, се предлага внесувањето на добра од слободните зони во земјата, да не се третира како увоз на добра, при што прометот на добра со надомест, а кои се со статус на домашна стока согласно Царинскиот закон и кои се превезуваат или испраќаат од слободните зони во земјата, ќе се смета за промет остварен во земјата, односно како и секој друг промет што се врши во земјата. 

Во функција на поттикнување и административно олеснување на трговската соработка при промет на добра од компании од земјата кон корисници на слободна зона, се предлага прометот на добра да не биде ослободен од данок на додадена вредност доколку вкупниот износ на надоместокот за извршениот промет без данокот на додадена вредност е до 60.000 денари. 

Исто така, се предлага правото на поврат на ДДВ, покрај на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал на странското дипломатско претставништво, како и на конзуларните фунционери, да се однесува и на нивните брачни другари.

Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Ѓорѓи Коџабашиев и г. Крсто Мукоски.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлог-среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2016-2020 година, воведно образложение даде директорот во Агенцијата за стоковни резерви, г. Реси Абдурахмани. 

Тој истакна дека со Среднорочната програма се планираат постојните стоки во стоковните резерви кои се опфатени во  Законот за стоковните  резерви. 

Стоковните резерви ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, готварска сол, масло за јадење, нафтени деривати, лекови и медицински помагала. 

Количините на пооделни стоки во стоковните резерви се планираат на ниво кое ќе обезбеди покриеност на потрошувачката, и тоа за пченица минимум 120 дена, пченка за 60 дена, јачмен за минимум 60 дена, готварска сол за минимум 45 дена, масло за јадење за минимум 45 дена, моторен бензин Еуросупер БС и мазут М-1 НС за минимум 5 дена, Еуродизел БС за минимум 7 дена и Екстра лесно ЕЛ-1 за минимум 4 дена. 

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе оваа Среднорочна програма. 

Click