Активности

Понеделник, 27 јуни 2016 година

Педесет и седма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Педесет и седмата седница одржана на 22 јуни 2016 година, како матично работно тело го разгледа Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2015 година.

Воведно образложение по Годишниот извештај даде претседателот на Регулаторната комисија на Република Македонија, г. Димитар Петров. 

Тој истакна дека Годишниот извештај содржи детални податоци за извршување на надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика согласно Законот за енергетика како и за материјално-финансиското работење во 2015 година. Надлежностите кои што се дефинирани во Законот за енергетика се однесуваат на состојбите на пазарот за енергетика, пазарите на регулираните тарифи на цените, изготвувањето на регулативата, активностите на меѓународно ниво и прегледот на материјалното-финансиско работење. Извештајот содржи компаративни податоци за изминатите три години со цел да се согледаат движењата на енергетските пазари во Република Македонија. 

Во текот на 2015 година, Регулаторната комисија за енергетика изврши усогласувње со Законот за јавната администрација, формирани се нови сектори. Еден од нив е Секторот за мониторинг кој што е во согласност со Правилникот за миниторинг на енегетските пазари во 2016 година. Извештајот содржи анализи за пазарот на електрична енергија при што се вклучени сите учесници преку издадените лиценци за сите дејности од областа на електричната енергија; податоци за учесниците на регулираниот и не регулираниот пазар. Во делот на квалитетот на електричната енергија содржано е мониторирањето на  податоците за квалитетот на електричната енергија. Во делот на прописите наведени се правилата за снабдување со електричната енергија и правилата за утврдување на штета на дистрибуираните производители која што е настаната поради намалена испорака по вина на операторот на дистрибутивниот систем. 

Во делот на одобрување на цените за електрична енергија согласно законскиот рок, Регулаторната комисија за енергетика ги донесе цените за 2015 година. Во делот на пазарот за природен гас содржани се податоци за Секторот на природен гас, карактеристични бројки за должините на мрежите, новите изградени мрежи, број на потрошувачи, издадени лиценци во текот на 2015 година, одобрување на цените за природен гас. Потрошувачката на природен гас во текот на 2015 година бележи минимално зголемување во однос на 2014 година, постигнат е напредок и во изградбата на гасоводната мрежа, намалени се цените за природен гас. Во делот на пазарот на топлинската енергија содржани се технички параметри и податоци за операторите кои што обавуваат дејност на топлинска енергија. Извршени се измени во одделни прописи кои што го регулираат пазарот на топлинска енергија како што е Правилникот за цени на топлинската енергија. Во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати постои целосна либерализација. 

На овој пазар се забележува континуирано намалување на цените на сите деривати. Извештајот за работата на Регулаторната комисија за енергетика во 2015 година содржи податоци и за обновливите извори на енергија. Направени се измени во Правилникот за повластени производители од обновливи извори. Може да се забележи континуиран раст на инсталираните капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Во претресот учествуваа пратениците Васко Ковачевски, Лилјана Кузмановска и Реџаиљ Исмаили.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2015 година.

2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Click