Активности

Понеделник, 28 март 2016 година

Педесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Педесет и третата седница, одржана на 23 март 2016 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за туристички развојни зони, поднесен од пратениците: Рената Дескоска, Софија Куновска, Стефан Богоев, Лидија Димова, Петре Шилегов, Љубиша Николиќ, Благоја Стојановски, Марјанчо Николов, Ален Георгијев, Јагода Шахпаска, Миле Андонов, Мира Стојчевска, Хари Локвенец, Панче Орцев, Бетиане Китев, Сашо Поцков, Милева Ѓоргиева, Горан Сугарески, Марјан Даскаловски, Васко Ковачевски, Томислав Тунтев, Билјана Настеска, Јован Митрески, Јулијана Силјановска, Стојко Пауновски, Горан Мисовски, Љубомир Јосифовски, Соња Мираковска, Горан Милевски, Дуфе Кукоски и Енес Ибрахим (во прво читање).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставникот на предлагачите, пратеникот Томислав Тунтев. 

Тој истакна дека Законот за туристички развојни зони овозможува поволни услови за инвеститорите. Имено, на инвеститорите им се нуди почетна цена на земјиштето од 1 евро по квадрат, комуналии од 1 евро по квадрат, ослободување од данок на добивка во првите 5 години, изградена инфраструктура, даночни ослободувања за градежни материјали за изградба на објектите, државна помош за инвестиции над 10 милиони евра, ослободување од персонален данок за вработените, намалување на трошоците и до 50 % за општа или професионална надградба. Но, и покрај поволностите кои ги овозможува Законот за туристички развојни зони, не се постигнаа посакуваните ефекти и истиот предизвика неправедни постапки кон граѓаните. 
Постојат примери каде што на имотите на граѓаните кои се дел од означените туристички развојни зони се врши експропријација, при што не се бара согласност од сопственикот на земјиштето за да се изврши негова експропријација. Се врши експропријација по цени кои се под нивната пазарна вредност, со оправдување дека постојат заинтересирани инвеститори кои ќе инвестираат во туристичките развојни зони и кои ќе изградат хотели од познати светски брендови. 

Во изминатиот период Владата на Република Македонија постојано најавува влез на значителни инвестиции во туристичките развојни зони, но досега не е реализирана ниедна инвестиција во овие зони. 
Избраните инвеститори ги добиваат предвидените поволности, го купуваат земјиштето за 1 евро за метар квадратен и ги користат долгите рокови за инвестирање предвидени во законот, а не се реализираат инвестициите.

Беше истакнато дека целта на предложените измени е зајакнување на критериумите и условите кои треба да ги исполнат потенцијалните и избрани инвеститори, што ќе придонесе за посериозен пристап од страна на инвеститорите и реализација на предвидените објекти. 

Имено, се предлага по завршување на инвестицијата, истата наместо сегашните пет години, да се одржува најмалку десет години, односно најмалку пет години во случаи кога инвестицијата се однесува на мали и средни претпријатија, зголемување на процентот на договорната казна во случај на непочитување на утврдените законски рокови, со цел да се обезбеди поголема гаранција дека инвеститорот ќе го реализира предвидениот проект, скратување на роковите за прибавување одобрение за градење и изградба на предвидениот објект. 

Во претресот учествуваше пратеникот Марјанчо Николов. 

На крајот од расправата, Комисијата за економски прашања, со 2 гласа „за“ и 7 „против“, заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за туристички развојни зони е неприфатлив и не може да се даде на натамошно читање.

Click