Активности

Четврток, 2 јули 2015 година

Педесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Педесет и втората седница, одржана на 30 јуни 2015 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход - II читање;
  2. Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2014 година.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието. 

Воведно образложение по Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2014 година, даде г. Милаим Ајдини, член на Комисијата за хартии од вредност. 

Тој истакна дека во Извештајот се содржани главните детерминанти кои го одредуваат степенот на развој на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија за 2014 година како: новоиздадените хартии од вредност, берзанскиот промет, пазарната капитализација, ликвидност, транспарентност, показателите за работењето на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, показатели за бројот и типот на инвеститорите, како и начинот на инвестирање.

Во 2014 година, мисијата и фокусот на Комисијата за хартии од вредност на РМ биле насочени кон зајакнување на супервизиската функција, заштита на инвеститорите и промовирање на стабилен, транспарентен и функционален пазар на хартии од вредност во Република Македонија. 

Во оваа насока биле преземени низа активности и проекти кои имаа за цел: создавање на ефикасен и ефективен пазар на хартии од вредност, понатамошно легислативно усогласување со европските принципи и стандарди, зголемување на ликвидноста на пазарот на хартии од вредност и зајакнување на соработката со домашните и странските регулаторни тела за размена на податоци и информации при остварување на регулаторната функција. Законската регулатива во делот на пазарот на хартии од вредност во текот на 2014 година и понатаму била усогласувана со законодавтвото на ЕУ во однос на пазарот на капитал.

Во делот на примарниот пазар, Комисијата одобрила вкупно 12 барања за давање одобрение за издавање на долгорочни хартии од вредност со вкупна вредност од околу 102,64 милиони евра, што претставува зголемување од 52 пати во однос на 2013 година, кога одобрениот износ изнесувал околу 2 милиони евра. 

Во делот на секударниот пазар, на крајот на 2014 година на официјалниот пазар биле котирани акции на 115 друштва, од кои 30 друштва на подсегментите Супер котација и Берзанска котација и 85 друштва на подсегентот Задолжителна котација. 

На Македонската берза е остварен промет од вкупно 8.704.057.897 денари, односно 141,53 милиони евра, што претставува зголемување од 169,1 % во споредба со 2013 година. 

Зголемувањето на прометот влијаеше на зголемување на вредноста на акциите, при што пазарната капитализација на котираните акции на крајот на 2014 година достигна 105,37 милијарди денари, односно забележа раст од 2, 58% во споредба со 2013 година. 

Во текот на 2014 година зголемена е и вкупната нето вредност на имотот на инвестициските фондови и истата изнесува 1.928.345.215,13 денари или околу 31,3 милиони евра. 

Зголемувањето, пред сè, се должи на поголемата атрактивност на паричите фондови кои прибираат најголем дел од средствата на инвеститорите. 

Во текот на 2014 година работеле 5 друштва за управување со инвестициски фондови кои управуваат со 13 отворени инвестициски фондови. 

Од аспект на сопственоста, најголем дел од друштвата се во сопственост на странски финансиски институции (62%). За прв пат како сопственик на друштво се јавува домашна небанкарска финансиска институција, која учествува со 4% во вкупната сопственичка структура. 

Комисијата направи анализа на ликвидноста, задолженоста и профитабилноста на акционерските друшва од стопанството кои котираат на берзата и се водат во Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување. Беше констатирано дека 67 друштва (65,69% од друштвата од стопанството), заклучно со 31.12.2014 година, имаат показател на тековна ликвидност поголема од 1, што значи дека истите не се соочуваат со ликвидносни проблеми. По однос на задолженоста 71 друштво се финансира од сопствени извори на средства, односно коефициентот на вкупна задолженост е помала од 50 %. 

Во текот на 2014 година Комисијата учествувала во активностите на Меѓународната организација на Комисиите за хартија од вредност, кои биле насочени кон зајакување на довербата на инвеститорите во пазарите на хартии од вредност, зајакнување на коорпоративното управување, промоција на долгорочното финансирање на мали и средни претпријатија преку пазарот на хартии од вредност и заштита на инвеститорите.

Во претресот учествуваше пратеникот Даниела Рангелова. 

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2014 година.
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Click