Активности

Среда, 24 август 2016 година 

Педесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 50.седница, како матично работно тело ја разгледа Иницијативата за одржување на надзорна расправа на тема: Примената на законските и подзаконските прописи во областа на хидромелиоративните системи и хидрометеоролошките работи поднесена од пратениците: г. Панче Орцев, г-ѓа Мира Стојчевска и г-ѓа Милева Ѓеорѓиева.

Во дискусијата по Иницијативата учествуваа пратениците: г. Панче Орце и г. Никола Мицевски.

Имајќи предвид дека временската непогода беше предизвикана со обилни и интензивни врнежи, кои паднаа на територијата на овие подрачја, пратеникот Панче Орцев, во својата дискусија истакна дека неопходно е да се презентираат и дебатираат мерките и активностите кои надлежните институции и државните органи ги презеле за спроведување на законските и подзаконските прописи, кои ја регулираат оваа област.  

Исто така, тој истакна, дека целта на оваа надзорна расправа е да се согледаат и лоцираат пропустите, кои институциите и органите ги направиле преку преземање на несоодветни мерки или непреземање на нужните активности, а кои допринеле за влошување на настанатите последици. 

Една од основните цели на надзорната расправа е утврдување на одговорноста на институциите и поединците кои имаат законска обврска да ги анализираат и планираат активностите во однос на хидромелиоративните системи и хидрометеоролошките работи, а во интерес на навремено и квалитетно спроведување на законските надлежности за превенирање на можните штетни последици и заштита на животот на граѓаните, нивните имоти, како и заштита на природните и материјалните добра на Република Македонија. 

Пратеникот Никола Мицевски во својата дискусија информираше дека во изминатиот временски период Владата донесе сет на мерки, со кои што ќе се олеснат последиците од настанатите штети, кои што се случија во овој регион и исто така информираше, дека Владата активно се вклучи како со физичка помош, така и со организација од страна на надлежните институции.

Тој се согласи да се одржи оваа надзорна расправа, на која пратениците ќе имаат можност да дискутираат за сето тоа што се случило во овој период, иако веќе за тоа имале прилика да дискутираат на итната собраниска седница. Тој изрази надеж, дека на оваа надзорна расправа, ќе успеат да добијат одговори за сето она што се случи, ќе се добие јасна слика и за тоа како постапиле надлежните институции согласно законските прописи и  за тоа што навистина се случи од хидролошки аспект. 

Беше спомнато дека согласно законот, рок за одржување на оваа седница е 10 дена од донесувањето на одлуката, но во договор со пратеничката група на СДСМ поради предвидениот ребаланс на буџетот, координаторите на пратеничките групи и координаторите на Комисијата дополнително ќе го договорат датумот за одржувањето на оваа надзорна расправа. 

Click