Активности

Вторник, 17 февруари 2014 година

Петнаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната 15. седница, како матично работно тело, по скратена постапкa, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал;
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за јавните претпријатија.

Воведно образложение на горенаведените Предлог-закони даде заменикот на министерот за економија, г. Христијан Делев. 

Тој истакна дека во постојниот Закон за трансформација на претпријатијата со општествен капитал како начин на продажба е утврдена продажба со објавен јавен повик за прибирање понуди, кои се доставуваат по писмен пат. За спроведување на јавниот повик предвидено е формирање на комисија. Самата постапка предвидува доставување понуди со фиксен износ. Во рамките на предлогот кој се доставува, се воведува и постапка на електронско јавно наддавање, кое ќе се реализира за оние понудувачи кои ќе ги задоволат барањата утврдени со тендерската документација, во смисла на критериуми за учество и документација за квалификација. 

Со воведување на истото би овозможило постигнување на повисока цена за понудените акции/удели кои се предмет на продажба, а се однесуваат на државниот капитал во  претпријатијата.  

Додека, по Предлогот на закон за дополнување на Законот за јавните претпријатија, г. Делев истакна дека дополнувањата на Законот се со цел да се овозможи статутите на јавните претпријатија да се дополнат со обврска за органот на надзор да дава одобрение на сите одлуки на органот на управување кои се однесуваат на износите над 50.000 евра. Со ова Надзорниот одбор кога станува збор за поголеми набавки во ЈП ќе треба да даде одобрение на Управниот одбор, а истото ќе се овозможи преку статутот на ЈП. Предложената одредба во законот е општа и системска и пропишува дека Надзорниот одбор за контрола може да дава одобрение на актите донесени од Управниот одбор, доколку тоа е утврдено со статутот на јавното претпријатие. 

Со воведувањето на оваа законска одредба ќе се овозможи поголема контрола и надзор во работењето на органите на управување во јавните претпријатија, односно и на Управниот одбор и на менаџментот на ЈП, а ќе придонесе за подобро функционирање и работење на самите  јавни претпријатијаВо рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлог-законите не беа поднесени амандмани од овластените предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Крсто Мукоски, г. Драган Цуклев и г. Љупчо Димовски.

На крајот од расправата, Комисијата ги проследи Предлог-законите на натамошна постапка во Собранието.

Click