Активности

Вторник, 16 септември 2014 година

Петнаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на  денешната 15. седница, како матично работно тело, по скратена постапка ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг;
  2. Предлогот на закон за изменување на Законот за игрите на среќа и забавните игри.

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде  заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини. 

Тој посочи дека со предлог измената се менува опфатот на јавниот долг во насока на тоа што јавниот долг се дефинира како збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, за кои државата има издадено државна гаранција.

Во таа насока, при задолжување без државна гаранција јавните претпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата се исклучуваат од постапката за задолжување согласно овој Закон од причина што со задолжувањето без издавање на државна гаранција не се креираат директни фискални импликации и потенцијални обврски во Буџетот на Република Македонија.Јавните претпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје подлежат на постапката за задолжување бидејќи согласно Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа нивниот долг го гарантира општината од која се основани истите и претставува нејзина потенцијална обврска.

Со предлог измената на законот, долгот на НБРМ се исклучува од опфатот на јавниот долг. Во рамките на практичната примената на законот се покажа дека долгот на НБРМ како дел од опфатот на долгот само за статистички цели, креира одредени забуни во информирањето на податоците на долгот. НБРМ е централна банка, која како носител на монетарната власт има уставни и законски ингеренции за спроведување на монетарната политика и одржување на стабилен курс на денарот. Оттука, НБРМ создава долг со цел спроведување на монетарната политика, која не смее да биде под влијание на фискалната политика која ја спроведува Министерството за финансии. Имајќи го предвид претходното, долгот на НБРМ не треба да биде дел од јавниот долг на државата.

Воедно, од постапката за задолжување се исклучува краткорочното задолжување на АД МБПР за ликвидносни потреби. Потребата за краткорочно задолжување на АД МБПР произлегува од аспект на управување со активата и пасивата на банката, и нејзините ликвидносни потреби. Во случаите кога АД МБПР нема да ги наплати побарувањата на клиентите на датумот на достасување, при што очекуваната и договорената рочност на банката нема да се поистоветуваат, банката би имала потреба да се јави како учесник на меѓубанкарскиот пазар на пари заради краткорочно задолжување со рок од еден до три месеци, но не повеќе од една година. Дополнително, на АД МБПР соодветно се применуваат одредбите од Законот за банки, што подразбира дека Народната банка на Република Македонија врши банкарска супервизија над работењето на АД МБПР. Од тие причини, Законот предвидува исклучок од постапката за краткорочно задолжување за АД МБПР, со цел олеснување на нејзиното функционирање како банка. Со цел ефикасно управување со јавниот долг, законот предвидува обврска за Министерството за финансии да утврдува политика за управување со јавниот долг со која ќе се овозможи финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик. Притоа од особена важност е во законот да бидат таксативно наброени целите кои треба да се постигнат при управувањето со долгот, што претставува и препорака од странските консултанти и техничките мисии на Светска банка и ММФ. 

Со измената се доуредува постапката за задолжување на носителите на јавен долг во насока на нивно идентификување во самата постапка, и чекорите кои ги следат. Во овој дел на законот не се вршат суштински измени кои би влијаеле на текот на постапките за задолжување на носителите на јавен долг, туку се врши допрецизирање на истите во насока на пропишување на некои фази од постапката кои во пракса се применуваа, а во текстот на постојниот закон се недоволно јасно утврдени со што се предизвикуваа потешкотии во нивната практична примена. Во однос на постапката за издавање на хартии од вредност од страна на општините, како еден од инструментите за создавање на долг, постојниот Закон за јавен долг останува недоречен во однос на завршувањето на постапката. Со измената се овозможува еднаков третман и со државните хартии од вредност, односно финално одобрување на задолжувањето од страна на Владата на Република Македонија со донесување на одлука за одобрување на максималниот износ на задолжување. Дополнително се вршат измени во целите и намените на државниот долг како и во  делот на известувањата за долгот, при што се врши усогласување на овој закон со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Притоа се утврдува обврска за Министерствoто за финансии на својата веб страна да објавува податоци за јавниот долг на Република Македонија.  

Со цел успешно организирање и приредување на електронските и интернет игрите на среќа, г. Џељадини, истакна дека со измените на Законот се предлага започнувањето со приредување на електронските и интернет игрите на среќа  да се одложи и да започне најдоцна до 1 јануари 2015 година. Одложувањето на рокот за започнување со  приредување на електронските и интернет игрите на среќа за три месеци е поради запирањето на дејствијата за спроведување на јавните повици за времетраењето на изборниот процес, како и поголемите капитални вложувања за кои е потребен подолг временски рок за успешна и квалитетна реализација.

Во претресот учествуваа пратениците Крсто Мукоски и Владанка Авировиќ.

На крајот од расправата, Комисијата ги проследи Предлог-законите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click