Активности

Четврток, 4 септември 2014 година

Петта седница на Комисијата европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја одржа својата Петта седница, со која претседаваше заменик-претседателот на Комисијата, пратеникот Нора Алити. 

На седницата, на која се расправаше по Извештајот за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - Ревизија 2014 за периодот од 1.4.2014 до 30.6.2014, присуствуваа и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, членовите на Националниот совет за евроинтеграции, Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија-ЕУ и членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, како и претставници на делегацијата на ЕУ во Македонија и на дипломатскиот кор во земјата.

Во врска со точката, воведно излагање имаше вицепремиерот задолжен за европски прашања во Владата на Република Македонија, г. Фатмир Бесими, кој  даде исцрпни информации  за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија за 2014 г. во текот на второто тромесечие годинава. 

Притоа, тој истакна дека Владата во моментов ги доставува сите потребни информации за степенот на реализираните задачи наведени во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјата, со цел тие да бидат внесени во Годишниот извештај за напредокот, што Европската комисија ќе ни го достави во текот на октомври. Во таа насока, појасни дека од планираните 57 закони во НПАА за 2014 година, 13 се донесени, додека шест се во собраниска процедура и седум се во меѓуресорска постапка. 

Во расправата учествуваа потпретседателите на Собранието на Република Македонија, г. Антонио Милошоски и г. Рафис Алити, копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Кенан Хасипи, како и пратениците: г. Артан Груби, г. Мерван Џемаили, г-ѓа  Шпреса Хадри и г-ѓа Силвана Бонева.

Во врска со темата, беа искажани повеќе  мислења за актуелните состојби во државата,  во однос на нашите евроатлантски интеграции. Притоа, беа потенцирани постигнатите  резултати во делот на политичките критериуми, но и во делот на економските  критериуми, а на кои државата работи со цел да добие позитивна препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Позитивно беше оценета и Берлинската конференција, во организација на Германија и ЕУ, за земјите од регионот, на која беше јасно кажано дека ќе продолжи проширувањето на ЕУ со  земјите од Западен Балкан.

Во повеќето излагања беше потенцирана потребата од учество на опозицијата во Парламентот, со цел да се подобри квалитетот на собраниската расправа, но и за да се избегне можноста тоа да биде нотирано како негативност во Годишниот извештај за  земјата. Исто така, имаше и забелешка поради отсуството на информации за  исполнувањето на Охридскиот рамковен договор во самиот Извештај, а кој е важен дел од исполнувањето на политичките критериуми за добивање на датум за преговори.

Click