Активности

Петок, 6 февруари 2015 година

Подобрувањето на енергетската ефикасност е многу важен сегмент за економијата 

Во организација на Европскиот парламент и Големото национално собрание на Турција, вчера и денеска во Анкара, Република Турција, се одржа Интерпарламентарен семинар на тема: „Енергетска сигурност, енергетска ефикасност и поврзаност на земјите од Западен Балкан и Турција", на кој учествуваше собраниска делегација, составена од пратениците: г. Љупчо Димовски, претседател на Комисијата за економски прашања; г. Крсто Мукоски, претседавач на Комисијата за финансирање и буџет; г-ѓа Солза Грчева и г-ѓа Каљтрина Азизи.

Интерпарламентарниот семинар беше отворен од г. Јержи Бузек, претседател на Комисијата за индустрија, истражување на енергија од Европскиот парламент; г. Халил Мазичоглу, претседател на Комисијата за индустрија, трговија, енергија, природни ресурси, информации и технологии од Големото национално собрание на Турција и г. Садик Јакут, потпретседател на Големото национално нобрание на Турција.

На првиот ден од Интерпарламентарниот семинар, се водеше панел дискусија за поврзаноста на земјите од Западен Балкан и Република Турција, од аспект на перспективите на енергетската сигурност. 

Се дебатираше за енергетската сигурност на Европската унија; за достапноста на енергетските ресурси на земјите од Западен Балкан и Република Турција; внатрешниот пазар на енергија во Европската унија, состојби и перспективи; сегашните и идните потреби на нафта, гас, електрична енергија и обновливите извори на енергија на земјите од Западен Балкан и Република Турција; транспорт и складирање, прашања за поврзаноста на земјите од Западен Балкан и Република Турција; значењето во светот и регионот на енергетската сигурност, како и за соработката на Европската унија, земјите од Западен Балкан и Република Турција: инвестициски проекти за електрична енергија, гас и обновливите извори на енергија.

Во текот на вториот ден од Семинарот, учествуваа европратеници, претставници од парламентите на Земјите на Западен Балкан и Турција, претставници од Европската комисија, експерти, кои ги споделија регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен, со акцент на размена на информации меѓу учесниците.

Свое обраќање имаше и пратеникот Љупчо Димовски, кој притоа истакна дека Владата во септември 2010 година ја донесе Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност во Република Македонија до 2020 година, во април 2011 го усвои и првиот Акционен план за енергетска ефикасност, додека во постапка за разгледување и усвојување е и вториот Акционен план за енергетска ефикасност. 

Исто така, донесен е и Законот за ратификација на Договорот за основање на енергетска заедница, во која членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Србија, Црна Гора и Украина. 

Донесена е Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 г., со која се утврдуваат долгорочните цели за развој на одделни енергетски дејности за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со различни видови на енергија; приоритетите на развој; определувањето и користењето на енергетските ресурси и капацитети од стратешка важност за државата; долгорочно планирање на потребите од инвестирање во производни, преносни и дистрибутивни капацитети, со цел да се задоволат потребите од енергија и да се обезбеди сигурност во снабдувањето; изворите и начинот за обезбедување на потребните количества енергија; потребните финансиски средства; поврзувањето на енергетските системи во Македонија или нивни делови со енергетските системи на други земји. 

Во продолжение, г. Димовски ги запозна присутните со начинот на производство и потрошувачка на електрична енергија во Македонија, а исто така, зборуваше и за природниот гас како исклучително корисен енергент и токму затоа изградбата на национален гасоводен систем, негово поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивни системи за природен гас, е еден од приоритетите на Владата. 

Посебен акцент е ставен на развивањето на обновливите извори на енергија, како што се сончевата енергија, енергијата на ветерот и биомасата, со што ќе се овозможи и диверсификација на снабдувањето во енергија. 

Господин Димовски потенцираше дека за Владата на Република Македонија, подобрувањето на енергетската ефикасност, како дел од енергетиката, е многу важен сегмент за економијата во земјата. 

Развојот и имплементацијата на проекти во областа на енергетската ефикасност има капацитет да создаде нови работни места, да го подобри квалитетот на живот за граѓаните, да го намали увозот на енергија и да ги подобри можностите за пристапување во ЕУ, а воедно унапредувањето на енергетската ефикасност придонесува кон заштита на животната средина. 

Click