Активности

Четврток, 25 февруари 2016 година, Виена

Пратеничката Дескоска информираше за подготовките на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје

На Зимската сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува на 25 и 26 февруари 2016 година во Виена, Австрија  учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г-ѓа Рената Дескоска, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и г. Димитар Стевананџија, заменик-член на делегацијата.

На сесијата учествуваат речиси 300 парламентарци од 57 земји учеснички во ОБСЕ и земји партнери за соработка.

На свеченото отворање на сесијата пред пратениците се обратија г. Илка Канерва, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Дорис Бурес, претседателка на Австрискиот парламент, г. Сергеј Наришкин, претседател на Државната дума на Руската Федерација, г. Касим Токајев, претседател на Сенатот на Казахстан и г. Гернот Ерлер, специјален претставник на Федералната влада на Германија за претседавањето со ОБСЕ во 2016 година, кој информираше за приоритетите и планираните активности во рамките на Германското претседателство со ОБСЕ.

Во фокусот на дебатата на Зимската сесија е кризата со мигранти и бегалци во регионот на ОБСЕ и напорите за зајакнување на колективниот одговор. На седниците на трите комисии на ПС на ОБСЕ, се дискутира за борбата против тероризмот, економските ефекти од миграциската криза, како и човековите права на мигрантите и бегалците. На седницата на Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, беше претставен посебен извештај за кризата со мигрантите и бегалците, кој содржи конкретни предлози за поголем ангажман на ОБСЕ на овој план.

Г-ѓа Рената Дескоска, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ, информираше за подготовките на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје, Република Македонија. 

Во  функција на претстојната Есенска сесија, во Конгресниот центар „Хофбург“, каде што се одржува Зимската сесија, поставен е штанд со информативни материјали и презентации за промоција на туристичката понуда на Република Македонија. 

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. 

Click