Активности

Петок, 1 јули 2016 година, Тбилиси

Пратеникот Владимир Ѓорчев учествува на 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од пратеникот Владимир Ѓорчев, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 1 до 5 јули 2016 година во Тбилиси, Грузија. 

Главна тема за дискусија на Сесијата, на која учествуваат околу 300 пратеници од 54 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ е: „25 години парламентарна соработка: градење на доверба преку дијалог".  

На свеченото отварање на Годишната сесија пред пратениците се обратија: г. Давид Усупашвили, претседател на Парламентот на Грузија, г. Ѓорѓи Маргвелашвили, претседател на Грузија, г. Ѓорѓи Квирикашвили, премиер на Грузија, г. Франк-Валтер Штајнмаер, министер за надворешни работи на СР Германија и претседавач со ОБСЕ, г. Илка Канерва, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и г. Педро Аграмунт, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На седницата на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ свое обраќање имаше пратеникот Владимир Ѓорчев, кој ги информираше членовите на Парламентарното собрание за подготовките на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје, Република Македонија. Во функција на подготовка на претстојната Есенска сесија, Делегацијата на Собранието на Република Македонија одржа состаноци со претставници на Бирото и на Меѓународниот секретаријат на ПС на ОБСЕ, а во Конгресниот центар каде што се одржува Годишната сесија, поставен е штанд со информативни материјали и презентации за промоција на туристичката понуда на Република Македонија.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.


Click