Активности

Вторник, 16 февруари 2016 година

Преку парламентарната стипендија на Бундестагот до огромно искуство за македонските млади дипломци 

ИПС стипендистот за 2016 година, Душица Бојковска, имаше можност да оствари посета на Собранието на Република Македонија, да се запознае со неговата работа и функционирање, а воедно и да се сретне со потпретседателот на македонскиот законодавен дом, г. Антонијо Милошоски. 

На почетокот, потпретседателот Милошоски ѝ честиташе на добиената шанса за престој во Германија, а таа се заблагодари за средбата и укажаната пригода да се запознае со работата на Македонското собрание, со надеж дека стекнатите искуства ќе ги пренесе по враќањето.

На средбата присуствуваше и г-ѓа Хелга Тајпер, aташе за култура во Aмбасадaта на Сојузна Република Германија во Република Македонија, која информира дека Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) на Германскиот парламент секоја година ја користат двајца до тројца млади дипломци за да работат во Бундестагот. Годинава има тројца стипендисти, од кои двајца се веќе во Германија.

Програмата трае од 1 март до 31 јули 2016 година, за кое време стипендистите ќе имаат можност преку теорија и пракса, како патувања, учества на различни манифестации и работа со пратениците, да се запознаат со Германија и тамошниот парламентарен систем.

Присутните се согласија дека е одлично што им се овозможува на стипендистите прво да се запознаат со функционирањето на Собранието на Република Македонија и подоцна да направат споредба со Бундестагот. 

Досегашното искуство покажало дека сите што ја имале можноста да бидат стипендисти во Германија, тоа им користело во нивната кариера, но и во приватниот живот, бидејќи стекнуваат пријателства од најразлични земји.

Како што истакна г-ѓа Тајпер, со оглед на тоа што младината е иднината на секоја земја, ИПС програмата овозможува младите да ги надминат границите, да ги прошират хоризонтите и потоа да се вратат во својата земја и да ја сакаат истата, а притоа ќе бидат збогатени со многу познавања за другите и различните.

Како Амбасада имаат организирана мрежа преку која стипендистите ги разменуваат своите искуства, а минимум еднаш годишно организираат средба за сите поранешни стипендисти.

На крајот, потпретседателот Милошоски упати отворена покана до стипендистот за понатамошна посета на Собранието и изрази благодарност до Амбасадата за поддршката и за оваа стипендија, која уште повеќе ги зближува двете земји.

Click