Активности

Среда, 13 јули 2016 година

Презентација на Програмата и приоритетите за работа на Словачкото претседателство со Советот на Европската Унија

Комисијата за европски прашања на Собранието на  Република Македонија, ја одржа 32. седница посветена на Презентацијата на Програмата и приоритетите за работа на Словачкото претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули - декември 2016 година, претставени од страна на амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Н.Е. Мартин Безaк.

Со седницата претседаваше заменик-претседателката на Комисијата, г-ѓа  Нора Алити. 

Амбасадорот Безак, говорејќи за Програмата и приоритетите во следните шест месеци, посочи дека Словачка ќе се фокусира на четири сегменти, и тоа на првиот - Економски силна Европа, вториот - Модерен единствен пазар, третиот - Одржливи политики за миграција и азил и четвртиот - Глобално поврзана Европа. Говорејќи за приоритетните теми, кои ќе бидат во првите редови на Словачкото претседателство со ЕУ, истакна дека ќе бидат водени од три меѓусебно поврзани принципи, и тоа: постигнување видливи резултати, надминување на фрагментација (обид да се постигнат резултати кои помагаат да се поврзат земјите членки поблиску во рамките на единствениот пазар) и фокусирање кон граѓаните, со цел да се испорачаат конкретни резултати и враќање на довербата на граѓаните во заедничкиот европски проект.

Во врска со темата воведни обраќања имаа: вицепремиерот за европски прашања во Владата на Република Македонија, г. Арбр  Адеми и заменик-претседателката на Комисијата, г-ѓа Нора Алити, кои го поздравија словачкото претседателство со ЕУ и и посакаа успешна реализација на зацртаните цели и приоритети.

Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Солза Грчева, г-ѓа Марија Ангелова, г-ѓа Мерал Узеири Ферати, г. Трајчо Димков, г. Мирван Џемаили, како и претставникот  на Синдикатот на Република Македонија, г. Живко Митревски.

На седницата беа поканети да учествуваат и претседателите, членовите и претставниците на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската Унија и Националниот совет за евроинтеграции.

Click