Активности

Понеделник, 7 јули 2014 година

Презентирани Програмата и приоритетите за работа на Италијанското претседателство со Советот на Европската унија за периодот јули - декември 2014 година

Денеска, Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, со која претседаваше претседателот на Комисијата, г-ѓа Ермира Мехмети, ја одржа својата Прва седница со единствена точка на дневниот ред, посветена на Програмата и приоритетите за работа на Италијанското претседателство со Советот на Европската унија за периодот јули - декември 2014 година. 

Поради важноста на темата, на седницата беа поканети и претседателите и  членовите на: Комисијата за надворешна политика, Националниот совет за евроинтеграции и Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ.

Исто така, на седницата беа поканети и присуствуваа: вицепремиерот задолжен за европски прашања на Владата на Република Македонија, г. Фатмир Бесими; шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е Аиво Орав; како и амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија. 

Во врска со темата, своја презентација имаше амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Н.Е. Ернесто Масимино Белели, кој  се осврна на планираните приоритети и задачи  во рамките на новите три претседателства со ЕУ, кои  започнуваат со Италија, а продолжуваат со Латвија и Луксембург. 

Притоа, г. Белели истакна дека Италија проширувањето го враќа на дневниот ред на приоритетите на ЕУ, со земјите од Западен Балкан.

Во својата презентација, тој информира дека за време на трите претседателства во следниот 18-месечен период, Европската унија ќе работи на целосно надминување на економската и финансиска криза и на зголемување на растот во Унијата. Исто така, во фокусот на ова претседавање се очекува да биде и зајакнувањето на капацитетот на Унијата за отворање на нови работни места, потоа искористување на можностите кои ги нуди дигиталната технологија, заштитата на  фундаменталните права, како и зајакнување на улогата на Унијата во светски рамки.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Ермира Мехмети, го поздрави Италијанското претседателство со Унијата, како и фактот што Италија  во следниот шестмесечен период ќе го поддржува проширувањето со земјите од Западен Балкан. Притоа, укажа дека земјата работи на исполнување на задачите од Пристапниот  дијалог на  високо ниво (ХЛАД), меѓу кои е и подобрување на состојбите во правосудството. Во таа насока, таа изрази уверување дека земјата ќе работи на ова, со цел да не се случуваат немили настани, како што беа неодамнешните демонстрации во населбата „Ѓорче Петров„ но и последните немири  поради пресудата за случајот „Монструм“, а  кои  негативно  влијаат на  и онака фрагилните  меѓуетнички состојби во државата.   

Вицепремиерот Бесими укажа на намерата на државата да ги продолжи реформските процеси, кои од нас ги бара ЕУ, со цел што поскоро да добиеме датум за отпочнување на преговори. 

Во дискусијата по приоритетите на Италијанското претседателство учествуваа: потпретседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонијо Милошоски; потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г. Илија Димовски; копретседателот на  Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Ќенан Хасипи; пратениците: г. Артан Груби,  г-ѓа Нола Исмајловска, г. Беким Фазлиу, г. Александар Николоски; како и членот на Националниот совет за евроинтеграции,  г. Димитар Мирчев. 

Во сите дискусии беше поздравена намерата на Италијанското претседателство да продолжи со процесот на проширувањето, како значаен фактор за Република Македонија, како земја-кандидат за ЕУ членство.  

Притоа, беше истакнато дека Република Италија е наш осведочен пријател, кој  ги поддржува  нашите евроатлански аспирации уште од самиот почеток на нашиот пат кон ЕУ. 

Во таа насока, беа искажани заложби за поголема економска и политичка присутност на државите-членки на ЕУ во Македонија, бидејќи во спротивност може да се остави простор за делувања  на други држави, како на пример на Русија и Кина, и одење на земјата во друга насока, којашто е спротивна од евроинтегративните процеси на земјата.

Во врска со спорот со името, а со цел да се надмине сегашната статус-кво ситуација   во дискусиите, беше предложено да се  примени примерот на Словенија и Италија, при што паралелно течеле преговорите за ЕУ членство и  напорите за изнаоѓање на решение на нивниот биолатерален спор  во врска со  полуостровот Истра.

Шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е Аиво Орав, во своето обраќање пред пратениците, истакна дека сите земји од регионот се добродојдени во ЕУ и дека нема потреба од загриженост дека проширувањето ќе запре. Напротив, а доказ за тоа е и неодамна добиениот кандидатски статус  на Албанија. Притоа, укажа дека  напредувањето ќе биде можно само кога земјата   добро ќе си ги сработи дадените задачи од ЕУ.

Амбасадорот Белели во врска со дискусиите истакна дека земјата треба да се посвети на европската агенда и да го искористи времето до објавувањето на октомврискиот извештај за напредокот на земјата од Европската комисија, а кој до крајот на септември ќе биде затворен. На крајот, уште еднаш ја потврди заложбата на неговата држава да ги поддржиземјите од Западен Балкан во нивните евроатлански интеграции.   

Click