Активности

Четврток, 15 мај 2014 година

Прифатени забелешките на пратеникот Николоски за реформа на мониторинг-постапката на ПС СЕ

На денешната седница на Ад хок комисијата за реформа на мониторинг-постапката на ПС на Совет на Европа се разговараше за финалниот документ за реформа на постапката кој треба да биде усвоен најдоцна во октомври 2014 год. и да почне да се применува од јануари 2015. Александар Николоски кој е потпретседател на Мониторинг комитетот на ПССЕ, е член на ова значајно тело кое е составено од 16 проминентни членови на ПС на Советот на Европа.

Во текот на расправата пратеникот Александар Николоски потенцира дека во времето кога постапката за мониторинг била воспоставена некаде на почетокот на деведесеттите години на 20. век имала за цел надгледување на состојбата кај новите членки на Советот на Европа каде што претходно не постоеле демократски стандарди, што е сосема различно од денешната состојба по 23 години од падот на комунизмот, кога сите земји ги имаат достигнато генерално демократските стандарди. 

Дополнително, денес има земји-членки на Советот, кои не се под мониторинг, а сѐ уште ги немаат ратификувано основните документи, ниту ги почитуваат основните човекови и малцински права, како што е случајот со Грција. Според него сите земји имаат прашања и предизвици кои заслужуваат подетално разгледување  и надзор. Затоа треба да бидат одредени теми во сите земји-членки кои би биле мониторирани, а не само во некои од нив. 

Пратеникот предложи сите земји-членки на Советот на Европа да бидат во иста група со можност за секоја од нив да биде отворена постапката за мониторинг, или да бидат групирани по одредени прашања, како, на пример, состојба со човекови права и да бидат под мониторинг на ПС на Советот на Европа. Со ова ќе се надмине сегашната фрустрирачка поделба меѓу земјите, а разгледувањето на одделни теми ќе овозможи споредбените знаења и искуства да се применат во унапредувањето на законодавството и праксата во сите општества подеднакво. Ова ќе значи и мониторинг врз земји како Грција кои не се под мониторинг, а не исполнуваат голем дел од стандардите на Советот на Европа. 

Овие забелешки на Александар Николоски беа прифатени и ќе бидат дел од финалниот извештај за реформа на мониторинг-постапката, кој треба да биде усвоен најдоцна во октомври 2014 год,, а да почне да се применува од јануари 2015 год.

Click