Активности

Вторник, 2 декември 2014 година

Проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе обезбеди безбедност и просперитет  на регионот

На вториот ден на Конференцијата на Комисиите за европски прашања на земјите членки на ЕУ- КОСАК, што се оддржува во Рим, а на која учествува заменикот на претседателот на Комисијата за европски прашања,  г-ѓа Нора Алити, се водеше богата дебата во врска со евроинтегративните перспективи на тема: Глобалната улога  на Европската унија и проекцијата на нејзините политики во Медитеранот и Источна Европа.

Во расправата, меѓу другото, стана збор и за понатамошното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што од повеќе земји беше истакната потребата тоа да продолжи, што ќе обезбеди безбедност и просперитет на регионот.

Притоа, се укажа на  важноста  на проширувањeто, не како на инструмент за геополитички интерес, туку како на ЕУ перспектива на регионот и можност за обезбедување на  мир и стабилност. Вo тој контекст, од страна на Полската делегација, беше обарано на Република Македонија да и се отворат вратите на ЕУ, со давање на датум за преговори.

Во таа насока беше истакнато дека не е издржан ставот на одредени ЕУ земји-членки дека Унијата, поради оптовареноста со економските проблеми, не е во состојба да го продолжи проширувањето, при што беше цитирана и изјавата на претседателот на Европската комисија, г. Јункер, дека во наредните пет години нема да има нови земји-членки во ЕУ. 

Врз основа на расправата, овие ставови беа внесени во заклучоците на КОСАК, со кои се констатира напредокот на земјите од Западен Балкан во полето на евроинтеграцијата и се потенцира значењето на продолжување на проширувањето на ЕУ, со што ќе се придонесе за имплементација на внатрешните реформи на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за ЕУ членство.

Во расправата стана збор и за односите на ЕУ со државите од Источна Европа, со посебен осврт на Русија, во светлото на ситуацијата во Украина и влијанието врз снабдувањето со енергија.

Click