Активности

Понеделник, 23 март 2015 година

Прв состанок на Постојаниот комитет за економија, инфраструктура и енергија на ПС ПСЈИЕ

Во организација на Народното собрание на Република Бугарија,  на 21 март, во Софија, се одржа првиот состанок на Постојаниот комитет за економија, инфраструктура и енергија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во  Југоисточна Европа - ПС ПСЈИЕ.
 
Тема на состанокот беше унапредувањето на енергетската ефикасност во Југоисточна Европа, а Собранието на Република Македонија го претставуваше пратеникот Ане Лашкоска. Учество на настанот зедоа и пратеници од парламентите на Албанија, Бугарија, Косово, Молдавија, Романија, Србија, Словенија, Турција и Црна Гора, како и високи владини претставници од земјата домаќин.
 
Во своето обраќање пратеникот Лашкоска зборуваше за напорите кои Република Македонија ги презема во областа на енергетиката, посебно осврнувајќи се на соработката со земјите од соседството и хармонизацијата на националното законодавство со правото на ЕУ.
 
Таа истакна дека во Македонија се преземаат сериозни проекти во насока на целосна гасификација на територијата и поврзување со регионалните гасоводни текови, а потврда за тоа е скорешното отпочнување со градба на магистралниот гасовод Клечовце-Блок, како дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем.
 
Влијанието на енергетската ефикасност врз развојот на економиите на земјите-членки се забележа и во усвоената Предлог-резолуција, во која како заеднички цели се издвојуваат заштитата на правата на потрошувачите и имплементацијата на релевантните регулативи на ЕУ.
Во документот се повикуваат и парламентите на земјите-членки на ПСЈИЕ,  заедно со Европскиот парламент, да воспостават парламентарна мрежа за поблиска соработка и размена на искуства од областа.
 
Документите произлезени од состанокот на Комитетот треба да се усвојат на годишната сесија на ПС на ПСЈИЕ, на која домаќин ќе биде Парламентот на Република Албанија. 

Click