Активности

Вторник, 12 јануари 2016 година

Прва седница на Комитетот за организација на Есенската сесија на ПС ОБСЕ 

Комитетот за организација на Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во 2016 година ја одржа Првата седница, на чиј дневен ред беа конституирањето на Комитетот и организациските аспекти на Сесијата, којашто ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година, во хотелот „Холидеј Ин“, Скопје.

Претседател на Комитетот е шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС ОБСЕ, г-ѓа Рената Дескоска, додека членови се: претседателот на Комисијата за надворешна политика; членовите и заменик-членовите на Делегацијата на ПС ОБСЕ; генералниот секретар на Собранието; координаторот на Работната група за организирање на Есенската сесија; како и претставници од Министерствата за надворешни работи, внатрешни работи, финансии, економија и култура. 

Како генерална тема за Парламентарната конференција, на која се очекуваат 400 учесници, е утврдена: „Зацврстување на мерките за градење на доверба и доброто владеење во регионот на ОБСЕ“.

Присутните на денешната седница имаа можност да разменат првични идеи и искуства, со цел што подобро организирање на овој политички настан од голем формат и високо значење не само за Собранието на Република Македонија, како домаќин, туку и за земјата воопшто.

Висока делегација на Меѓународниот секретаријат на ПС ОБСЕ веќе оствари работна посета на Скопје со цел проценка на практичните и логистичките прашања поврзани со организирањето на Сесијата.

Есенските сесии на ПС ОБСЕ се организираат со цел зацврстување на интерпарламентарниот дијалог за значајни и актуелни теми, поврзани со обврските и вредностите на ОБСЕ.

Click