Активности

Четврток, 11 септември 2014 година

Работна посета на Комисијата за култура на Кратово 

Собраниската Комисија за култура на 9 септември во состав Силвана Бонева - претседател, Ане Лашкоска - заменик-претседател, Момчило Аврамоски - член, Весна Дамчевска Илиевска - член, Љубица Буралиева - член, Лилјана Затуроска - заменик-член и Нола Исмајлоска - заменик-член, оствари работна посета и средба со надлежните органи на Општина Кратово, а во насока на донесувањето на новиот Предлог-закон за прогласување на Старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење.

Членовите на Комисијата за култура извршија разглед на Старото градско јадро на Кратово, вклучувајќи ги мостовите Грофчански мост, Чаршиски мост, Јокширски мост, Радин мост, средновековните кули и староградската архитектура, кое со Предлог-законот ќе биде прогласено за културно наследство од особено значење.

Беше посетена Саат кулата од 14. век и разгледана историската поставка „Кратово низ вековите“. Членовите на Комисијата беа информирани дека треба да започне проект за истражување и реконструкција на ходниците кои се претпоставува дека ги поврзувале средновековните кули, при што се изврши посета на еден достапен отвор од средновековните ходници.

Исто така, се посети црквата „Свети Јован Крстител“ во Кратово (соборна црква од 19. век), каде се работи на процес на откривање на прекриен слој на живопис од 19. век.

При посетата на Радин мост, од страна на пратениците, претставниците од Општина Кратово, како и од локалното население, беше констатирано дека реконструкцијата на мостот од 2004 година со метална ограда и бетон не кореспондира со традиционалната архитектура и амбиент во Старото градско јадро на Кратово. Потребно е да се изврши повторна реконструкција на Радин мост, како едно од најзначајните обележја на Кратово, при што ќе се внимава мостот да биде автентично реставриран со изворните материјали од кои бил изграден (дрво и камен), врз основа на член 7 на Предлог-законот каде се пропишани режимот на заштита на споменичната целина и начинот на конзервација, санација и реставрација на објектите.

На средбата со градоначлникот Мите Андоновски, советниците Игор Смиљковски, Јонче Ефремовски и Златко Стојановски од Советот на Општина Кратово, директорoт на Mузеј на град Кратово, Драган Георгиевски, како и пратениците Марјанчо Колевски и Стојан Миланов од Кратово се дискутираше околу одредбите на Предлог-законот и значајноста од неговото донесување, при што беа изнесени коментари, мислења и ставови по однос на текстот на Предлог-законот.

Од страна на присутните заеднички беше заклучено дека Старото градско јадро на Кратово изобилува со објекти кои се од големо историско и културно значење и дека е неопходно да бидат заштитени со закон. Беше нагласено дека од голема важност е и имплементирањето на законот, следењето на динамиката на остварувањето на планираните проекти, спроведување на активности со цел подигнување на јавната свест за значењето на Кратово како културно наследство, како и утврдување на насоки за развој на културниот туризам со кој ќе се промовира Кратово.

Click