Активности

Вторник, 15 декември 2015 година

Работна средба на потпретседателката Дескоска со Делегација на Меѓународниот секретаријат на ПС на ОБСЕ

Потпретседателката на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Рената Дескоска, денеска оствари работна средба со Делегација на Меѓународниот секретаријат на Парламентарното собрание на ОБСЕ, предводена од г. Густаво Паларес, заменик-генерален секретар на ПС ОБСЕ. 

На средбата присуствуваа: г. Беким Фазлиу, член и г. Димитар Стевананџија, заменик-член на Делегацијата во ПС ОБСЕ; потоа г. Сејмон Џакаев, заменик-генерален секретар на ПС ОБСЕ и Одил Леларж, координатор за конференции.

Потпретседателката Дескоска посочи дека за нас, како држава и како Собрание, претставува голема чест што Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе се одржи во 2016 година во Македонија. Имајќи го предвид значењето на ОБСЕ како организација и улогата што ја има во Република Македонија, голем е мотивот за организирање на состанокот што следи. Затоа со подготовките е почнато најрано што може, формирани се работни групи во Собранието, со цел состанокот да биде успешен. Темите и датумите се договорени со сите членови на Делегацијата и парламентарците од сите политички партии имаат желба да се одржи состанокот како што треба.

Главна тема на состанокот е зајакнувањето на мерките за градење на доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ, од која произлегуваат многу поттеми.

Според Густав Палерес, посветеноста на земјите за успешен состанок се гледа на многу начини, но еден од најдобрите начини е земјата да биде домаќин. Тој истакна дека предлогот за датумот на одржувањето на состанокот е прифатлив - од 29 септември до 2 октомври 2016 година и дека темата е прифатлива бидејќи опфаќа многу сегменти.  

Госпоѓа Дескоска изрази благодарност од името на Собранието на Република Македонија за можноста да се организира оваа сесија во Република Македонија и дека се отворени за идеи, сугестии и за соработка заедно со тимот на Собранието.

Во рамките на работната посета, делегацијата на Меѓународниот секретаријат на Парламентарното собрание на ОБСЕ оствари средба и со генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, г. Жарко Денковски и со претставници на работните групи на Собранието на Република Македонија, кои се вклучени во организирање на Есенската сесија што ќе се одржи во 2016 година во Македонија.                                  

Click