Активности

Понеделник, 18 јули 2016 година

Размената на искуства со развиена земја како Шведска од голема корист за Македонија 

Заменик-спикерката на Риксдагот на Кралството Шведска, г-ѓа Изабел Дингисан, оствари поединечни средби со потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Антонијо Милошоски; со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска и со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

Во придружба на Шведската делегација беше Н.Е. Александра Наќева-Ружин, амбасадор на Република Македонија во Кралството Шведска.

На средбата со потпретседателот Милошоски, се дискутираше за можностите за продлабочување на македонско-шведските односи, актуелните политички случувања во Европската Унија, а беа отворени и прашањата за мигрантската криза и родовата еднаквост.

На средбата со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, присутни беа членовите: г. Благоја Деспотовски, г. Ѓоко Камчев, г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Сашо Василевски и г-ѓа Мирсада Емини-Асани.   

Во воведното обраќање, пратеникот Деспотовски, како претседавач на Пратеничката група, изрази задоволство од посетата на делегација од земјата која ја смета за врв на демократијата во Европа и на сè она што значи подобар живот за граѓаните. Тој се заблагодари и за употребата на уставното име и поддршката за евроинтеграција. Исто така, истакна дека македонските граѓани кои живеат во Шведска, треба да бидат мост за соработка помеѓу двете земји.

Присутните изразија надеж за продлабочување на соработката на ниво на Парламенти, но и во многу други области, како родовата еднаквост, образованието, економијата, социјалната политика, потоа проекти за лицата со посебни потреби, третманот на децата од најрана возраст и др.  

Беше истакнато дека размената на искуства со развиена и искусна земја како Шведска и реализирање на идеите и иницијативите би било од голема корист за нашата земја.  

При првата посета на Македонија, г-ѓа Изабел Дингисан, истакна дека соработката е потребна, затоа што живееме во еден глобален свет, во кои сите сме поврзани, зависиме и влијаеме едни на други. 

Таа е горда што Шведска ја има првата феминистичка влада и го потенцираше одличниот индекс на родова еднаквост како резултат на долгогодишната работа на ова прашање, што не е само прашање на човеково право, туку дава и просперитет и економски раст, затоа што се користат капацитетите на целото население. 

Притоа, заменик-спикерката Дингисан информираше за застапеноста на жените во Риксдагот, која се движи меѓу 42 и 47%, за породилното отсуство и за жените и за мажите, постоењето на градинка во Парламентот, за тоа дека начинот да се биде маж во општеството се менува, за бенефитот од сето ова, со заклучок дека ова е демократски процес на кој треба постојано да се работи. Во тој контекст, гостите беа информирани дека новиот парламентарен состав во Македонското собрание, ќе има минимум 40% застапеност на жените. 

Амбасадорката Александра Наќева-Ружин ја искористи можноста да се заблагодари за прифатената покана за посета на нашата земја, за вложената енергија и страст на г-ѓа Изабел Дингисан. Таа истакна дека како Амбасада работат на тоа што е во интерес на Република Македонија, изрази задоволство од интересот за посуштинска соработка во различни области и испрати охрабрување за поголема иницијативност од Парламентот, затоа што Шведска има голем потенцијал за соработка. 

Во продолжение на посетата, заменик-спикерката Изабел Дингисан оствари средба и со г-ѓа Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, како и членовите: г-ѓа Лилјана Кузмановска, г-ѓа Олга Најденовска, г-ѓа Шпреса Хадри, г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Сузана Секуловска, г-ѓа Вјолца Мехмети-Нуредини и  г-ѓа Биљана Ласовска.

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Рангелова, во своето воведно обраќање ѝ посака топло добредојде на Делегацијата во Македонија и нашиот законодавен дом. Притоа, посочи дека особено ја радува фактот што политичките односи помеѓу двете земји ги карактеризираме како пријателски и со заемно разбирање, како и иницијативата за билатерална соработка на двата парламенти, особено во доменот на родовата рамноправност.

Воедно, таа изрази благодарност за Шведска, поборник на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и континуираната поддршка што ѝ ја дава на Македонија на евроинтегративниот пат, особено во периодот на претседавањето со ЕУ во 2009 година, дадениот позитивен извештај за напредокот на Македонија, препораката за отпочнување на преговорите, како и визната либерализација.

Заменик-спикерката Дингисан искажа благодарност за поканата, како и изнесените позитивни размислувања и надеж за иднината на овие моќни жени, воедно посочувајќи дека кога станува збор за проблемите на жените, тие треба да се дел од решението, родовата рамноправност треба да е дел од создавањето на мирот.

Присутните,  согласно достигнувањата од изминатиот период на родовата рамноправност, нотираа прогрес во регионот, но беше побарана и поголема вклученост на мажите, јакнење на економската и образовна моќ на жените, како и и поддршка за многуте трендови и предизвици во родовата рамноправност кои им претстојат, а ќе бидат разгледани во продолжение на Јавната расправа на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. 

Click