Активности

Четврток, 2 октомври 2014 година

Реформите во енергетиката бараат силна поддршка

Директорот на Секретаријатот на Европската енергетска заедница, г Јанез Копач, пред членовите на Комисијата за европски прашања и Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, имаше презентација во врска со постигнатите резултати во реформите, во однос на реализирањето на Договорот за Енергетска заедница за земјите потписнички. 

Господин Копач на заедничката седница, со која претседаваа заменик-претседател на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Нора Алити и претседателот на Комисијата за економски прашања г. Љупчо Димовски, информира за актуелните состојби во енергетиката во регионот, при што истакна дека реформите во енергетиката, што произлегуваат од ЕУ директивите, бараат инволвирање на значајни човечки ресурси, како и силна политичка поддршка од Владата и Парламентот, но и од јавноста, на која мора да ѝ се објаснат импликациите предизвикани од потребните реформи.  

Притоа, г. Копач ја потенцира важноста на поголема соработка на земјите потписнички на овој договор, со зајакнување на парламентарната соработка во областа на енергетиката, и тоа преку функционирањето на Парламентарно собрание на земјите од ЈИЕ, во кое ќе членуваат пратеници од регионот.

Во врска со презентацијата, свои дискусии имаа пратениците: г. Ромео Тренев, г-ѓа Солза Грчева, г-ѓа Силвана Бонева, г. Љупчо Димовски, г-ѓа Владанка Авировиќ, како и директорот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, г. Димитар Петров.

Click