Активности

Понеделник, 24 ноември 2014 година, Хаг, Холандија 

Република Македонија е подготвена да ги реши сите прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање

Пратеникот Павле Трајанов, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, од 21 до 24 ноември, учествува во работата на 60. Годишна сесија на ПС на НАТО што се одржува во Хаг, Кралството Холандија.

Во Комисијата за политички прашања, меѓу другите точки, се разгледуваше и Предлог-извештајот за НАТО партнерство и политиката на отворени врати на Алијансата.

При расправата на оваа точка, Павле Трајанов се осврна на позициите на Република Македонија, истакнувајќи дека нашата земја имплементира бројни реформи и работи на развојот на демократски институции, почитувајќи го владеењето на правото.

Исто така, Трајанов рече дека иако Македонија ги има реализирано реформите на полето на одбраната и ги има исполнето сите услови, поради блокадата наметната од страна на нашиот јужен сосед, сè уште не е членка на НАТО.

На крајот на неговата дискусија, Трајанов рече дека Република Македонија е подготвена да ги реши сите прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање и ги повика членките на НАТО поактивно да се вклучат и да помогнат во надминување на спорот за името.

Денеска, на почетокот на Пленарната сесија на ПС на НАТО, ќе се обратат Хју Бејли, претседател на ПС на НАТО, потоа Марк рите, премиер на Холандија, Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО и други официјални лица.

Во текот на престојот, Трајанов се сретна со членовите на делегациите на Бугарија, Турција, Шведска, Швајцарија, Англија, Црна Гора, Србија.

Click