Активности

Четврток, 6 февруари 2014 година

Собраниска делегација на 62. Национален молитвен појадок во Вашингтон

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателот на Собранието, г-ѓа Сузана Салиу, а во чиј состав беа и пратениците: г-ѓа Силвана Бонева, г. Владимир Ѓорчев и г. Андреј Петров, учествуваше на 62. Национален молитвен појадок во Вашингтон.

Во текот на својот престој, Собраниската делегација оствари средби со г-ѓа Кендис Милер, пратеник во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, конгресменот Френк Вулф, републиканец од Вирџинија и со г-ѓа Џенис Хан, пратеник (демократ-Калифорнија) во Претставничкиот дом на Конгресот на САД и воедно копретседавач со годинешниот молитвен појадок.

На средбите, собраниската делегација се заблагодари за принципиелната поддршка за евроинтеграција на Македонија и ја реафирмираше определбата на земјата во исполнувањето на оваа стратешка цел. Исто така, Република Македонија беше претставена како земја во која се негува мултиетништвото, мултиконфесионалноста и мултикултурата, и дека во овој контекст е лидер во Европа. 

Беше повторено дека поради блокадата од Република Грција, нашата земја не може да стане членка на ЕУ и НАТО, иако ги има исполнето сите услови. Притоа, беше побарано САД да не дозволат натамошна изолација на Република Македонија од интегрирање во НАТО и ЕУ.

Нагласувајќи дека ќе продолжат со активностите за поддршка на Македонија, домаќините изразија надеж дека проширувањето ќе биде високо на агендата на следниот самит на НАТО и дека Република Македонија набргу ќе го добие заслуженото членство во Алијансата.

Беше испратена и покана за посета на Македонија за време на Балканскиот молитвен појадок, кој годинава ќе се одржи во нашата земја.

 

Click