Активности

Четврток, 19 март 2015 година

Средба на членовите на Пратеничката група за соработка со парламентот на Народна Република Кина со Н.Е Вен Женшун - амбасадор на НР Кина во Македонија

На првата остварена средба на членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина со  г. Вен Женшун, амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија присутни беа г-ѓа Силвана Бонева во својство на претседател на Групата и членовите: г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Рамиз Мерко и г-ѓа Роза Топузова Каревска.

Заеднички беше констатирано дека двете страни имаат традиционално добри односи и бележат нагорен тренд во сферата на политичката соработка, економијата, културата, образованието, но беше нагласено дека постои простор за интензивирање на соработката меѓу законодавните тела на двете држави и тоа на ниво на Групи за пријателство, кои се формирани во двата парламента, како и меѓу Комисиите за надворешна политика. 


Од наша страна амбасадорот беше информиран дека членовите на Групата досега имаат одржано неколку средби за изнаоѓање начини за интензивирање и продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Народна Република Кина на повеќе полиња. Меѓу нив беше и средбата со раководителите на Планските региони, прва од таков вид, со цел подетално запознавање со стратегиите за развој и нивните веќе изготвени проекти за членовите на ПГ за соработка да можат пред кинеските колеги да ги презентираат инвестициските можности на Република Македонија во областа на економијата, туризмот и културата.

Проектите беа презентирани пред кинескиот амбасадор, со цел да се обезбеди поддршка од кинеска страна за нивна реализација.

На средбата стана збор и за можноста за размена на програмски содржини меѓу националните телевизии на двете држави и во таа насока беше истакнато дека Македонската радио и телевизија и Кинеската национална телевизија имаат важечки договор за соработка, кој дозволува ваква размена, а беше предложено и материјали за туристичката понуда и културното наследство да се разменуваат меѓу двете национални телевизии. 

Click