Активности

Четврток, 29 јануари 2015 година

Средба на Ермира Мехмети со Кристине Алтхаузер

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Ермира Мехмети, денеска имаше средба со амбасадорката на  Сојузна Република Германија во Република Македонија, г-ѓа Кристине Алтхаузер, на нејзино барање.


На средбата беа разменети мислења и ставови за евроинтегративниот процес на Република Македонија и пошироко во регионот, при што беше истакната поддршката и заложбата на Сојузна Република Германија да му даде посилен импулс на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, по одржувањето на минатогодишната  августовска конференција во Берлин.

Во разговорот беше истакнато значењето и улогата на парламентарната димензија во евроинтегративниот процес на земјата, како и потребата на развивање и продлабочување на соработката на Република Македонија со парламентите на земјите- членки на Унијата, меѓу кои, како посебно значајна беше потенцирана соработката со германскиот Бундестаг и Бундесрат.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Мехмети говорејќи за актуелните политички и економски состојби во Македонија, истакна дека и покрај нотираните слабости во судството, слободата на медиумите, администрацијата и др., земјата работи на потребните ЕУ реформи, и во тој контекст, позитивно ја оцени повторената шеста по ред препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство со ЕУ, во последниот Годишен извештај за напредокот на државата, кој беше разгледан и во Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија.

Исто така, на средбата стана збор и за минатонеделните парламентарни избори во соседна Грција, на кои победи партијата Сириза, предводена од Алексис Ципрас, во светлото на нивното влијание врз разрешувањето на нашиот долгогодишен спор за употребата на уставното име на Република Македонија, а во таа смисла и на откочувањето на евроинтегративниот процес на земјата.

Click