Активности

Понеделник, 29 февруари 2016 година

Средба на Комисиите за европски прашања на Македонскиот и Холандскиот парламент

Претседателката на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Ермира Мехмети, оствари средба со Делегација од Комисијата за европски прашања на Холандскиот парламент, предводена од претседателот г. Малик Азмани и членовите: г-ѓа Марит Маиј, г-ѓа Атје Каукен, г-ѓа Шерон Гестхаузен и г. Кес Верхувен, како и амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Н.Е. Вилер Ваутер Пломп.

На средбата, покрај претседателката Мехмети, присуствуваа и членовите на Комисијата: г-ѓа Мерал Узеири-Ферати, г-ѓа Лидија Димова, г-ѓа Солза Грчева, г. Ќенан Хасипи; г. Сашо Аќимовски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност; г. Мирван Џемаили, член на Националниот совет за евроинтеграции и Н.Е. Игор Попов, амбасадор на Република Македонија во Кралството Холандија. 

Претседателката Мехмети во своето воведно излагање изрази благодарност за иницијативата за оваа средба и интересот на Холандија за нас како Парламент и Комисијата за европски прашања, како и можноста за размена на мислења за евроинтегративниот процес и актуелната состојба во ЕУ во однос на справувањето со миграциската криза.

Воедно, таа упати благодарност за постојаната поддршка што Холандија ја дава на Македонија во евроинтегративниот процес за стекнување на полноправно членство во ЕУ и НАТО и градење на институции со целосен демократски капацитет.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Холандскиот парламент, г. Малик Азмани, посочи дека добрата соработка и поддршката помеѓу двете земји мора да продолжи и во однос на справувањето со миграциската криза.

На средбата во фокус беа и прашањата за спроведување на неопходните реформи во однос на европската интеграција на Македонија, спорот за името со соседна Грција, ИПА- фондовите, рамковниот договор, имплементацијата на политичкиот дијалог, како и предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот во однос на мигрантската криза.


Click