Активности

Четврток, 2 јули 2015 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со постојаната мисија на ММФ

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија во состав: г. Крсто Мукоски, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Драган Цуклев вчера одржаа состанок со постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во Република Македонија во состав: г-ѓа Јасмин Раман, шеф на мисијата, г. Патрик Гитон, резидентен претставник на Меѓународниот монетарен фонд во Рпублика Македонија, г. Марк Гард, член на мисијата, г-ѓа Пијапорн Содривибун, член на мисијата и г. Жерон Клик, претставник на Канцеларијата на холандската конституенца задолжен за Република Македонија.

На состанокот беа разменети мислења за економските показатели на Република Македонија, одржливоста на економските политики кои се водат, како и за моменталните политички случувања во Република Македонија и состојбата во Република Грција и нивното влијание врз македонската економија.

Од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија беше истакнато дека во изминатите години економските политики кои ги спроведува Владата на Република Македонија придонесоа да се остваруваат позитивни економски резултати. Светската економска криза негативно се одрази и врз македонската економија, но сепак Република Македонија успеа да остане во групата на ниско или умерено задолжени земји и по опоравувањето на европските економии постигнува меѓу највисоките стапки на економски раст во Европа. Во однос на влијанието на кризата во Република Грција беше оценето дека случувањата во оваа земја нема да имаат негативно влијание врз банкарскиот сектор во Република Македонија, но негативно ќе се одразат врз реалниот сектор имајќи предвид дека Република Грција е еден од најголемите трговски партнери на Република Македонија. Во изминатите месеци Република Македонија се соочува и со уште еден предизвик, а тоа е политичката криза која негативно влијае врз македонската економија преку намалување на странските директни инвестиции и намалување на македонскиот извоз при што од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет се изрази надеж за што поскоро нејзино разрешување со што би се овозможило реализирање на проектираните стапки на економски раст, зголемување на македонскиот извоз и отворање на нови работни места. 

На крајот состанокот беше позитивно оценет со надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина бидејќи овозможуваат размена на мислења и запознавање со политиките кои се преземаат како од страна на Република Македонија така и од Меѓународниот монетарен фонд.

Click