Активности

Понеделник, 20 јули 2015 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со претставници на Програмата за јавни расходи и финансиска отчетност -ПЕФА

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија г. Крсто Мукоски и г. Драган Цуклев денеска одржаа средба со претставници на Програмата за јавни расходи и финансиска отчетност –ПЕФА г. Џон Антони Вигинс, г. Филип Жан Марк и г. Бојан Погачар.

На средбата беа разменети мислења за аспектите на управување со јавните финансии во Република Македонија, постапката за носење на Буџетот на Република Македонија и соработката помеѓу Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија. Од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија беше истакнато дека кога станува збор за носење и разгледување на Предлог на Буџетот во Собранието на Република Македонија постапката е уредена со Законот за буџетите и Деловникот на Собранието. Предлогот на Буџетот се доставува до Собранието на Република Македонија, најдоцна до 15 ноември во тековната година. Собранието на Република Македонија не може да го разгледува Предлогот на буџетот на Република Македонија пред да поминат 20 дена од денот кога истиот бил доставен до Собранието на Република Македонија. Ова е со цел пратениците да имаат доволно време да можат да ги направата потребните анализи и подготовки за расправа по истиот. Во текот на овие 20 дена Предлогот на Буџетот се разгледува од страна на Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело, од Законодавно-правната комисија и од други заинтересирани работни тела. Комисијата за финансирање и буџет на истата седница која има неколку продолженија води  општ претрес по Буџетот и ги разгледува поднесените амандмани. Кога се разгледува Буџетот се врши директен пренос од седниците на Комисијата за финансирање и буџет, заради значењето  на материјата што се третира со овој  документ, а што е во склад со заложбите на Собранието за транспарентност на неговата работа. Со оглед на тоа што Комисијата за финансирање и буџет е матична за Буџетот многу често практикува да бара податоци односно информации од Министерството за финансии во врска со реализација на приходите на Буџетот по разни основи за одреден временски период, а кои им служат на пратениците за анализа на Буџетот. По барање на Комисијата, Управата за јавни приходи и Царинската управа во рамки на нивните надлежности доставуваат информации за нивните активности. Овие информации пратениците ги користат како база на податоци за дискусии. Пратениците истакнаа дека Комисијата за финансирање и буџет го разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР и по одржаната расправа му предлага на Собранието одредени заклучоци по однос на Извештајот. На седницата се водат исцрпни дискусии и се изнесуваат бројни мислења, забелешки и ставови од страна на пратениците во присуство на главниот државен ревизор. Во Законот за државната ревизија е предвидено дека сите конечни ревизорски извештаи и забелешките поднесени од лицата кои се одговорни кај субјектите на ревизија во периодот за кој е вршена ревизијата се објавуваат на веб страницата на ДЗР. На овој начин не само Собранието на Република Македонија, туку и сите граѓани и институции имаат увид во состојбата околу трошењето на јавните средства. Но покрај во електронска форма, извештаите на ДЗР се доставуваат до Собранието и во печатена форма. Во Собранието на Република Македонија ревизорските извештаи се предмет на дебата во било кое време, посебно од аспект на наменско, правилно и законско трошење на јавните средства. Значајно е да се истакне дека има напредок по однос на дефинирање на Државниот завод за ревизија како независна уставна институција. Предлог амандманите на Уставот на Република Македонија се утврдени и во постапка е процесот на нивно усвојување со што истите ќе станат составен дел на Уставот. Предлог Амандманот 36 се однесува на ДЗР и со истиот се утврдува дека  Државниот завод за ревизија е самостоен и независен орган кој врши ревизија на јавните средства.    

На крајот средбата беше позитивно оценета и се изрази  надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина бидејќи овозможуваат размена на мислења и искуства.

Click